„Благодариме маестро“: Трпчески со „Македонисимо“ настапи во Секирник, родното село на неговата мајка

Во рамки на концертните настапи и проектот наслов „Македонисимо“, Симон Трпчески синоќа настапи во селото Секирник во Општина Босилово, место каде родена неговата мајка. Во најавата на концертите тој потенцираше дека станува збор за настан кој го посветува на сите Македонци.

Дворот на основното училиште „Кирил и Методиј“ беше претесен да ја собере публиката која уживаше во музиката на маестрото. Од најмлади до највозрасни сите со задоволство ги слушаа звуците која изобилуваа со македонски и етно елементи.

Со овој концерт стартува Балканската турнеја на „Македонисимо“, што ќе трае до октомври и ќе ги вклучи настапите во Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Романија, велат од КултурОп.

„Единствено, неповторливо, уникатно! Светско, а наше. Вакво нешто ретко се доживува во нашата општина“, напиша градоначалникот на Општина Босилово, Ристо Манчев, упатувајќи благодарност до Трпчески за вчерашниот настан.