Бигорски: На сите нека им е благословен почетокот на Великиот пост, едни со други да се помириме и да си простиме

Светата Православна Црква уште од самиот почеток на изминатава седмица, која уште се нарекува „предворје на покајанието“, „претпразненство на воздржанието“, „предочистителна седмица на св. пост“, итн. низ богослуженијата повикуваше на срдечно покајание, кое носи прошка на гревовите, со што би ни се отвориле дверите на вистинскиот пост. А, како се отвараат дверите на покајанието и на вистинскиот пост, особено се забележува во евангелската содржина од сирната недела: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни, и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен; а ако не им ги простите гревовите на луѓето, ни вашиот Отец нема да ви ги прости вашите….“ (Матеј, 6, 14 – 21).

Tипик на вечерната богослужба за Прочка, за 2024 година:

„Бигорското светилиште, кое отсекогаш го негува богослужбениот ред, ја практикува оваа служба во целост. Така, и оваа година ги повикуваме верниците да земат учество во споменатава богослужба, која ќе започне недела, 17.03.2024 (недела) со почеток во 17:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на св. Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување на верниците и монасите.

Затоа светите отци за овој последен ден пред постот предвиделе специфична богослужба, давајќи на верните можност да си побараат прошка едни на други и така да направат добар почеток на светиот Пост. Во духот на оваа, првично монашка традиција, таа неделна вечерна богослужба во Бигорскиот манастир е вистинско доживување за сите присутни, кои во голем број се собираат овде за со искрено покајание и измирување со другите, достојно да се подготват за посниот подвиг. А глетката во храмот навистина го стоплува срцето и побудува на покајание. Очите се полнат со солзи, додека наоколу се разлеваат трогателните и отрезнувачки вечерни стихири, а покајното расположение достигнува врв со посебните коленопреклони молитви, што игуменот на свештениот манастир, епископот Партениј, со особено умиление ги чита пред сите присутни, измолувајќи од Бога прошка и благослов за претстојниот свет пост.

На сите нека им е благословен почетокот на Великиот пост, едни со други да се помириме и да си простиме. Исповед кај Старецот и другите духовници од манастирот ќе има преку сите викенди и обични денови за постот, со исклучок за време на Тримирот“ се вели во соопштението на Бигорскиот манастир.