„Балистите“ сепак ќе дојдат во Скопје?

Наредниот понеделник на Националната Арена „Филип Втори“ ќе се одигра финалето од Купот на Македонија помеѓу екипите на Шкендија од Тетово и актуелниот бранител на титулата, тимот на Работнички.

Федерацијата реши да им обезбеди место на 1 200 „балисти“ за време на натпреварот, кој ќе бидат сместени на северната трибина. Изминатиот период се случија неколку различни инциденти во кои беа вмешани навивачите на тетовскиот тим, но сепак тие ќе добијат карти за натпреварот во понеделник.

Вообичаено, гостинските навивачи се сместуваат на источната трибина, но овој пат ќе биде исклучок поради реконструкција на трибината која е моментално во тек.

Популарните „Балисти“ ќе бидат сместени на најисточниот дел од северната трибина, факт што воопшто не им се допаѓа, покрај основниот проблем кој го посочуваат-малиот број на карти кои им следуваат. Шкендија е позната по огромната посетеност на натпреварите од домашната лига, особено оние кои се играат на домашен терен. Иако „Филип Втори“ не е домашен терен на клубот од Тетово, многу пати до сега се покажа дека на најверните фанови не им е проблем да пропатуваат 50-тина километри за да го бодрат својот клуб.

Останатиот дел од љубителите на фудбалот, инаку, ќе биде сместен на јужната трибина.

За потсетување е инцидентот кој го предизвика управата на тетовскиот клуб на лигашкиот натпревар против Вардар, кога и покрај забраната за носење гостински навивачи, дел од нив беа сместени во ложата во придружба на највисоките челници на клубот.