Ајде да подаруваме љубов, а не материјални работи

Празниците сѐ повеќе се доближуваат. Градот е веќе накитен и сите некако се радуваат на претстојните празници. Но, од друга страна, веќе гледам луѓе кои паничат околу тоа што да им подарат на најблиските. И додека така размислуваме за материјални работи, наметнувајќи си себеси огромен стрес, некои луѓе одлучија да не подаруваат материјални работи. 

Погледнете ги сите тие пари фрлени во ветер: Накит, играчки, облека, итн. Што и да е. 

Кога би прашала колку од нас се подготвени да дадат нешто што не може да се допре, што мислите, каков би бил одговорот? Претпоставувам дека повеќето би претпочитале да дадат опиплив подарок. 

Баш би било убаво кога би одлучиле да подариме љубов. На луѓето кои ги сакаме да им го подариме своето време и присутност. Да создадеме спомени кои нема да исчезнат од главата, како на пример ланчето кое сте го добиле минатата година и веќе оваа година го замените со ново. Би било убаво да седнеме со нашите деца и да им раскажуваме приказни, да ги прашаме како се и што е она што ги прави среќни, а што е она што ги прави тажни. Истото можеме да го направиме и со родителите, баба, дедо, кој било. 

Можеме и на случајните минувачи да им подариме насмевка. Можеме да подариме прегратка на некој близок. 

Ова се работи кои немаат материјална вредност, а го полнат нашето срце. Од сите добиени работи, љубовта на мојот татко ми е омиленото нешто. Тој повеќе не е со нас, но јас ја помнам неговата љубов и секогаш ја носам во себе. Таа е вечна. Повечна од кој и да е подарок.

Ајде барем да се обидеме да обоиме светот со љубов, барем оваа година. Тоа е она што највеќе вреди и што највеќе се помни.