7.199 слободни работни места: Секој петти оглас за вработување – за чистачи

Во Македонија најмногу вработуваат малите фирми со три до девет работници, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Тие во вториот квартал од годинава огласиле 1.795 работни места.

Според ДЗС во тој период вкупно во државата имало 7.199 слободни работни места, а стапката на слободни работни места изнесувалала 1,44 проценти.

Највисока стапка на слободни работни места има секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 2,59 проценти или 585 слободни работни места, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Во вториот квартал Пелагонискиот регион имал највисока стапка на слободни работни места и таа изнесувала 2,05 отсто. Истовремено, најмногу слободни работни места, вкупно 3.581, се евидентирани во Скопскиот регион.

Најголем број слободни работни места, односно 2.794, има во петтата група занимања – работници во услужни дејности и продажба.

Вчера напладне, пак, на сајтот на Агенцијата за вработување во реално време беа објавени огласи за пополнување на околу 7.500 работни места.

Повеќе од половината, или над 4.400 огласи објавиле скопските работодавци. По Скопје, најголем број работници се барани во Виница – 505. Во Крушево, пак нема потреба од ниту едно вработување. Близу три илјади работни места огласуваат трговските фирми, а во преработувачката индустрија вчера имаше понуда за нешто над 2.000 вработувања.

Секое петти од вчера објавените огласи е за хигиеничар. Според објавата на АВРМ, барани се вкупно 1.410 хигиеничари на станбен и деловен простор. Меѓу најбараните занимања се и продавачи, општи работници, возачи, магационери, готвачи, шивачи… а објавени се и 128 слободни работни места за програмери.