Живееме во време кога заморот често се носи како значка на чест.

Колку повеќе сме зафатени, колку повеќе жртви сме подготвени да направиме и колку повеќе се оттурнуваме себеси до границите на издржливоста, толку повеќе општеството ни аплаудира. Како да постои некое непишано правило дека вредните работи мора да болат и дека напредокот секогаш треба да дојде по цена на нашата енергија, мир или радост. Растот бара труд, бара и посветеност, дисциплина и истрајност. Но не мора постојано да веруваме дека за да стигнеме некаде мора постојано да се чувствуваме исцрпени.
Но, ако погледнеме наназад на периодите во кои сме научиле најмногу или пак сме направиле најголем исчекор или прогрес, тоа не се периодите кога сме се форсирале себеси да постигнеме нешто. Најчесто тоа се моменти кога сме љубопитни и присутни во процесот. Тоа се оние убави моменти кога чувствуваме предизвик, но не и преголем товар. Или пак периодите кога работиме напорно, но не ја губиме способноста да уживаме во тоа што го правиме.
Во јогата и медитацијата постои еден прекрасен концепт што ја опишува токму оваа рамнотежа. Се нарекува „Sthira-sukham asanam“, а најчесто се преведува како „стабилна и удобна положба“. Идејата е дека положбата не треба ниту да биде премногу лабава ниту премногу напната. Ако има премалку напор, нема стабилност. Ако има премногу напор, се губи леснотијата. Вистинската рамнотежа се наоѓа некаде помеѓу. Во состојба каде што сме доволно цврсти за да останеме посветени на она што го правиме, но и доволно опуштени за да можеме да дишеме, да чувствуваме и да останеме поврзани со себе.
Можеби оваа идеја не се однесува само на јогата. Можеби е корисна и за начинот на кој ги градиме нашите животи. Не мора секоја цел да биде борба. Не мора секој успех да дојде по цена на нашето здравје, мир или среќа. Можно е да бидеме дисциплинирани без да бидеме сурови кон себе. Можно е да вложуваме труд и истовремено да чувствуваме радост. А можеби токму тогаш, кога ќе ја пронајдеме таа рамнотежа меѓу напорот и леснотијата, правиме најодржлив и најдлабок напредок.