Зошто по корона пандемијата, настинките се многу пострашни? - Д-р Живковска со стручен став

Иако месец февруари го започнавме со намалување на бројот на новорегистрирани заболени од грип во Македонија, лекарите предупредуваат на нов бран. Присутни се и сезонските вируси, а ризикот за брзо ширење е присутен во воспитно-образовните институции. Затоа надлежните апелираат заразените деца да не се праќаат во градинка и на училиште. 

По корона периодот, голем број пациенти се жалат на многу потешки симптоми на сезонските настинки, за разлика од пред-ковид периодот. 

Д-р Лилјана Живковска, специјалист педијатар на Одделот за неврологија при Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, во интервју за нашиот портал, вели дека вирусите, како дел од природниот процес, постојано мутираат, особено инфлуенцата, но со текот на времето, по корона пандемијата, имунолошките механизми кај луѓето повторно стануваат доволно силни за организмот безбедно и ефикасно да се справи со нив. 

- Сите сме свесни дека ковид-пандемијата донесе сосема нов начин на живот – несекојдневен и во голема мера изолиран. Со задолжителното носење заштитни маски, кои во тој период беа императив на глобално ниво, стекнатиот имунитет, и кај возрасните и кај децата, практично беше ставен во своевидна „хибернација“. Подолг временски период организмот немаше контакт со вообичаени бактерии и секојдневни вируси кои во нормални услови го активираат и одржуваат имунолошкиот одговор. По завршувањето на тој долг период, имунитетот повторно почна да се „буди“, но сега одново се привикнува да реагира на различни микроорганизми. Тоа најчесто се манифестира со потешка клиничка слика или со продолжен тек на болеста. Вирусите, како дел од природниот процес, постојано мутираат, особено инфлуенцата, но со текот на времето имунолошките механизми повторно стануваат доволно силни за организмот безбедно и ефикасно да се справи со нив, појаснува докторката Живковска и порачува од овој аспект, по корона-периодот, најважно е да бидеме трпеливи и да му дозволиме на имунолошкиот систем постепено да се врати во својата природна рамнотежа. 

Потсетува дека, иако звучат секојдневно советите за здрава храна, сон, свеж воздух, се супериорни за заштита на имунитетот на децата. 

- Со оглед на бројните вируси во текот на зимските месеци, очекувани се зачестени настинки и заболувања, најчесто на респираторниот систем кај децата. Имуностимулаторите, во форма на разни сирупи, капки или таблети, претставуваат „помагатели“, односно втора линија за одржување на детскиот имунитет. Основата, секако, ја сочинува здравата исхрана (богата со зеленчук, овошје и протеински внес), редовен и квалитетен сон, како и практикување прошетки на чист воздух. Овие навики можеби звучат премногу секојдневно и едноставно, но тие се супериорни во заштитата на детското здравје, нагласува нашата соговорничка. 

Она што често ги мачи родителите, дали треба да даваат препарати за засилување на имунитетот кај децата. 

- Имуностимулаторите, пак, најчесто ги препорачуваме кај деца со основни хронични заболувања, поради кои се посклони кон потешки форми и компликации од вирусните настинки. Препораката е тие да се започнат кон доцна есен, односно во периодот на почеток на сезоната на вируси карактеристични за зимските месеци. Сепак, не е тајна дека постои тренд овие препарати да се земаат на своја рака од страна на родителите. Во такви случаи, важно е да се обрне внимание на составот на секој препарат, истиот да се дава согласно возраста на детето и да се користи со ограничено времетраење, појаснува д-р Живковска.