Зошто леваците размислуваат и чувствуваат поинаку?

Историски гледано, леваците обично биле заборавани и буткани на страна. Се до релативно неодамна, да се биде левак значело да се биде стигматизиран, понекогаш значело да се биде перцепиран како човек со аномалија или знак на слабост. Децата кои пишувале со лева рака биле принудувани да научат да пишуваат со десна рака, најчесто на нивна значителна штета.

Секако, денес знаеме дека нема ништо лошо во тоа да се биде левак.  Психологот Стивен Кристман неодамна објаснил дека речиси нема докази кои укажуваат на тоа дека леваците имаат каква било физичка или психолошка аномалија во споредба со деснаците. Веќе илјадници години наназад, леваците сочинуваат 10 до 15% од светската популација. Фактот дека оваа карактеристика останала стабилна и по толку време, укажува на тоа дека да се биде левак не е еволуциска слабост, наспроти уверувањето на психолозите во минатото.

Но, сепак има одредени психолошки и невролошки разлики во тоа со која рака пишуваме. Истражувањата се уште не се комплетни, но има одредени работи кои ги знаеме за уникатните когнитивни и психолошки профили на леваците.

Можно е тие побрзо да размислуваат

Можно е леваците да се способни полесно и поефикасно да ги користат двете страни од мозокот. Според едно австралиско истражување објавено во 2006 година, леваците имаат тенденција да прават побрзи врски помеѓу левата и десната хемисфера на мозокот, што води кон побрзо процесирање на информациите.

Авторите на истражување мереле како ќе се покажат учесниците на задача која барала временски трансфер помеѓу хемисферите на мозокот и уште една задача која барала истовремено да ги употребуваат две страни од нивниот мозок.

Истражувањето покажало дека леваците се побрзи во процесирањето на информациите во двете страни на мозокот – когнитивна предност која може да им донесе поволности во работи како видео-игри и спортови.

Тие можеби ги фаворирзираат левите работи во процесите на донесување одлуки

Раката која ја употребувате може да има изненадувачки ефект на тоа како проценувате работи како вредност, интелигенција и искреност.

Едно истражување на Универзитетот Стенфорд од 2009 година покажало дека леваците и деснаците ја фаворизираат страната според раката која ја користат. Во истражувањето, учесниците гледале две различни табели со илустрации и од нив било побарано да проценат која илустрација изгледа посреќна, поискрена, поинтелигентна и поатрактивна. Леваците имплицитно ги избрале илустрациите од левата табела, а деснаците од десната.

Даниел Касанто, психологот кој го водел истражувањето, вели: „Леваците мислат дека добрата работа е на лево, а лошата на десно, иако свесно и експлицитно, се во јазикот и културата им го кажува обратното.“

Леваците имаат предност во некои спортови

Иако помалку од 15% од светската популација пишува со лева рака, сепак 25% од играчите на безбол се леваци. Зошто? Затоа што тие имаат побрзи реакции.  Но, постои и друга причина. Истражувањата покажале дека леваците имаат вистинска предност во интерактивни спортови, како бокс, мечување, тенис и безбол, но оваа предност не важи за спортовите кои не се интерактивни, како гимнастика или нуркање. Поради нивната поинаква физичка ориентација и движења, леваците можат да ги изненадат противниците кои се деснаци, а кои се навикнати да се натпреваруваат со други деснаци.

Нивните мозоци можеби поинаку ги организираат чувствата

Вашата доминантна страна можеби определува како вашите чувства се организирани во вашиот мозок. Истражување од 2012 година дошло до ззаклучокот дека кај леваците, мотицацијата е поврзана со поголема активност во десната хемисфера на мозокот, додека спротивното важи за деснаците.

Ова е можно да има важни последици за справувањето со анксиозност и нарушувања во расположението, кои најчесто се третираат со користење на мозочна стимулација за да се зголеми активноста на невроните во левата хемисфера.

Еден од авторите на истражувањето, психологот Џефри Брукшир вели: „Имајќи предвид што покажуваме тука, овој третман, кој им помага на деснаците, може да е погубен за леваците, затоа што им го дава сосема спротивното од она што им е потребно.“

Можно е леваците да се покреативни мислители

Многу експерти и истражувања укажуваат на поврзаност помеѓу креативноста и леваците. Дали е вистина? Сосема е можно. Некои истражувања покажуваат дека леваците се подобри во разновидно размислување (можноста да дојдат до повеќе решенија за еден прблем), кој е когнитивно обележје на креативноста. Сепак, важно е да се забележи дека истражувањата покажуваат поврзаност, а не каузалност, па така заклучоците не се сосема јасни.

Уште една можност, која ја предлага психологот Крис МекМанус  во неговата книга „Десна рака, лева рака“, е дека леваците имаат повисоко развиена десна хемисфера за која се вели дека е повклучена во креативното размислување.

Постои уште една дополнителна потенцијална врска помеѓу леваците и креативноста – врска која е шпекулативна, но е интересна. Самото растење како леваци ги става во посебна група и леваците гледајќи се себе како различни од своите врсници, некои деца можеби развиваат така наречен „аутсајдетски менталитет“ или наклонетост да имаат слика за себе која е малку поиндивидуална отколку онаа која е повеќе ориентирана кон колективитетот. Оваа состојба на ум може да ја насочи личноста кон развивање квалитети како независност и некомфомитет, кои психолозите исто така ги имаат поврзано со креативно размислување и иновација.