Зип-лајнот пропадна - за него нема интерес

Градот ќе донесе одлука за идните чекори за тоа дали ќе се гради или не зип-лајнот откако во наредниот период ќе се разгледаат состојбите и ќе се направат анализи, откако пропадна и вториот тендер, бидејќи не се јавила ниту една фирма.

-Град Скопје на 20.8.2019 година објави јавен оглас за Проектирање, набавка и изградба на надворешни содржини за спорт – реализација на зип-лајн. На истиот не беше поднесена ниту една понуда и постапката беше неуспешна. Во наредниот период службите ќе ги разгледаат состојбите и ќе направат анализа по што ќе се донесе одлука за идните чекори – одговорија од Градот.

Во март, минатата година беше распишан уште еден тендер, но и тогаш тој пропадна бидејќи не беше пристигната ниту една прифатлива понуда за изградба на зип-лајнот чија траса треба да биде од Скопската тврдина „Кале“ до Градскиот парк.  А, воедно, од Градот тогаш известија дека ниту една од фирмите не ја поднела потребната банкарска гаранција.

Изградбата на зип-лајнот според пресметките треба да чини 50.000 евра. Жичницата треба да биде долга 400 метри, а брзината на движење ќе се регулира со безбедносен систем на кочење.