Животот не е црно-бел, луѓето постојано ќе ве разочаруваат, но важно е да научите како понатаму

Лошата проценка е дел од нашиот живот.

Photo by Francisco Moreno on Unsplash

Не постои личност која не направила лоша проценка за некој друг и не се соочила со разочарување. Тоа е дел од животот од кој не можеме да побегнеме, колку и да се трудиме, колку и да сме внимателни.

Ако некој ве разочарал, важно е да знаете дека ништо во животот не е црно-бело. Некои искуства доаѓаат како лекции, од кои понатаму можеме да правиме добра проценка, но никогаш нема да можеме целосно да избегаме од разочарувањата.

Ова се неколку важни работи кои треба да ги имате на ум секогаш кога некој ќе ве разочара.

Товарот на минатото е претежок за да го носите на себе.

Ако во својот ум постојано и постојано мислите на една иста или повеќе ситуации и разочарувања, само ќе се изморите. Тоа прави да се наталожат негативни емоции и вина, кои нема да ви помогнат.  Не е секогаш лесно да се остане позитивен, но постојаното навраќање на една иста работа не е добро за нашето ментално здравје.

Понекогаш лоши работи им се случуваат и на најдобрите од нас

Животот би бил прекрасен кога само добри работи би им се случувале на добрите луѓе, а само лоши на лошите. Но, за жал не е така. Некои луѓе едноставно ќе ве повредат, свесно или несвесно и тоа е така. Тоа нема никаква врска со вас.

Кога во себе носите лутина и омраза, единствената личност која е погодена од тоа сте вие самите

Можеби сте лути некому, но лутината е во вас, не во другата личност. Без оглед на тоа колку е тешко да го смирите својот бес, треба да запаметите дека огорченоста е ваше чувство кое ви штети само вам. Затоа, можеби не морате да заборавите, но доволно е да простите највеќе за својот сопствен мир.

Не се потценувајте себеси

Тоа што некој ве повредил не значи дека вие сте лоша, наивна или глупава личност. Секому може да се случи, а за волја на вистината, ќе се случува и понатаму. Не е возможно да бидете совршени и секогаш да знаете како да прочитате друга личност или како да се поставите. Не се споредувајте со другите, туку прифатете ја ситуацијата, кажете си дека секој греши и продолжете понатаму.

Не трошете време и зборови за оние кои не го заслужуваат

Меша Селимовиќ вели: не можете луѓето да ги научите на нешто што го немаат во себе. Иако е сосема во ред да споделите како се чувствувате, но губењето време во тоа да им докажете колку згрешиле и ве повредиле нема да ви донесе ништо добро.