Живот во куќа или стан - што е подобро?

Постојат два типа на луѓе: оние кои преферираат да живеат во стан и оние кои обожаваат да живеат во куќа. Па, која опција е подобра? На ова прашање не постои некој конкретен или точен одговор. Одлуката најчесто се заснова на многу различни фактори, па на крајот на краиштата е прашање и на личен вкус.

Бидејќи секојдневните обврски на поединците и нивните различни вкусови го диктираат изборот на место за живеење, добро е да се земат во предвид неколку основни и универзални параметри кога станува збор за решавање на станбеното прашање.

Без разлика која опција ќе ја изберете, факт е дека и двете имаат свои предности и недостатоци.

ОДРЖУВАЊЕ:

Стан: Од една страна, многу е полесно да го исчистите и уредите станот, бидејќи просторот е помал и не морате да водите сметка за фасадата и дворот. Но, од друга страна морате да земете во предвид и некои “непредвидливи” ситуации и изненадни трошоци, како на пример доколку се расипе бојлерот во станот што е над вашиот, па водата пробие и го уништи вашиот плафон, да соработувате со комшиите кога ќе пукне цевка, кога ќе се расипе влезната врата и лифтот, кога ќе настане неред на скалите, снег и мраз во текот на зимата што навистина знае да биде тешко.

Куќа: Одржувањето на куќата бара многу повеќе време, особено ако имате голем двор или бавча, па морате да се ангажирате во секое годишно време, да бидете и “градинар” и “чистач”, за сѐ да изгледа совршено.

УДОБНОСТ

Стан: Во вашиот стан можете да уживате доколку немате големи барања, но ако сакате да имате и гардеробер, простор за кучето или мачето, соба за вежбање и слично, тешко дека би можеле да се задоволите.

Куќа: За куќата се вели дека е кралица на удобноста, бидејќи нуди мир, можност да останете сами, да уживате во приватноста, да пиете кафе во дворот, да се сончате, да си играте со вашето милениче, па и да посадите нешто. Имате и подрум во кој можете да ги оставате и непотребните работи, поткровје во кое ќе го сместите старото бебешко креветче и секако обезбедено ви е и место за паркирање.

НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ:

Стан: Станот е идеален избор за сите оние кои водат активен живот со забрзано темпо, независно од тоа дали станува збор за самци или семејни луѓе. Луѓето кои се одлучуваат на живот во стан сигурно поминуваат многу време надвор од својот дом, луѓе кои работат многу, често патуваат или едноставно уживаат често да присуствуваат на разни културни и други настани

Куќа: Идеален избор за фамилијарните луѓе кои куќата ја сметаат за свое гнездо и одвај чекаат да завршат со дневните обврски и да се вратат во својот “храм”. Во неа едноставно се свои на своето.

ТРОШОЦИ:

Стан: Ако сакате да заштедите, тогаш изберете живот во стан, бидејќи месечните трошоци за негово одржување се релативно пониски. Ако не друго, ќе ги избегнете високите сметки за греење.

Куќа: Плаќањето на “потребите” на куќата, ќе ве чини поскапо, бидејќи таа постојано бара вложување во неа, па затоа се вели деке куќата е како дупка без дно. Ако една година не прокапи кровот, следната година сигурно ќе морате да поставите термо изолација.

ПОНУДА И ПОБАРУВАЧКА:

Стан: Понудата на станови е многу поголема, и генерално за нив постои и голема побарувачка. Понудата ја намалува цената на становите, бидејќи секогаш се бараат функционални и не премногу големи станови.

Куќа: Проблемот со куќите е што старите треба да се реновираат, а за тоа се потребни многу пари, а новите куќи најчесто се големи и со самото тоа и скапи.