Жителите на Волково најавуваат протест: „Само блокирање на улица е спасот!“

Незадоволството кај жителите на скопската населба Волково расте поради проблемот со раскопаните улици и оштетените тротоари кој трае неколку месеци. На социјалните мрежи се шири повик за организиран протест, а според жителите, единствениот начин да го свртат вниманието на градските власти е со блокирање на улицата.

„Волковчани, мора да се организираме на протест. Данела Арсовска нема намера да ја направи улицата, искршивме коли. Само блокирање на улица е спасот!“, стои во објавата што ги повикува граѓаните на протест.

Проблемот со улиците во Волково трае веќе неколку месеци, а жителите вината ја насочуваат кон Град Скопје и градската администрација. Според нивните коментари, улиците останале целосно раскопани откако градоначалничката Данела Арсовска започнала реконструкција, но работите не биле завршени. Наместо асфалтирани површини, граѓаните секојдневно се движат низ дупки и кал, што, како што велат, предизвикува значителна штета на нивните возила.

„Движењето по тротоарите е речиси невозможно, а возењето со автомобил стана ризично. Освен што газиме низ кал, нашите возила постојано се оштетуваат“, велат жителите, барајќи итна реакција од надлежните.

Редакцијата на Скопје Инфо се обрати до градската администрација за одговори во врска со оваа ситуација и чекорите што ќе бидат преземени за решавање на проблемот.