Жителите на Ново Маало најавија блокади ако биде суспендиран ДУП-от

Жителите на Ново Маало, кое се наоѓа покрај спорната парцела кај Холидеј Ин, се децидни дека сакаат урбанизација, бидејќи тоа значи и подобрување на нивните моментални услови за живеење. 

Тие најавуваат блокади во Скопје доколку биде повлечен деталниот урбанистички план со кој се предвидува изградба на згради и паркови на оваа површина. 

- Нема да дозволиме да ја испуштиме и оваа шанса за да добиеме нормален дом, порачуваат жителите на Ново Маало, во врска со евентуалната суспензија на ДУП-от кај хотелот „Холидеј Ин“, за која деновиве ќе одлучува Општина Центар. Ако се случи планот да биде суспендиран, ние сме спремни да тужиме и да ги блокираме сите улици - најавуваат жителите на Ново Маало.

– Повеќе од 50-60 години се жртва на институциите кои не најдоа решение за нивниот проблем. Со децении не сме во можност една шајка да заковаме, а да не зборуваме за доградби, фасади, реновирање. Живееме во 19 век. Овде одамна веќе нема нормални услови за живот, кал до колена, калдрма од турско време, нерешено греење, прокиснати кровови, депонија на ГТЦ. Сега кога конечно имаме инвеститор кој преку фер обештетување ни го решава нашиот проблем и ни дава можност да живееме како цел нормален свет, извесни граѓански организации, таканаречени активисти, ни го попречуваат тоа право – велат револтирно овие скопјани.

Тие потсетуваат дека правото на сопственост е уставно загарантирано право.

Според нив, единствени кои би требало да се борат за или против градење се тие кои се директно засегнати и не гледаат никаква цел што луѓе од други општини се потпишуваат на најразлични петиции против реализацијата на проектот. 

Тие минатата недела поднесоа петиција до Опшина Центар и до Владата на РСМ во која категорично наведоа дека нема веќе да молчат и да го трпат тоа што некој од удобноста на своите комфорни станови им го прави. Се консултираат со правници, експерти и подготвени се да тужат доколку се случи суспензија на планот. Особено се револтирани од односот на станарите во Градски ѕид.

– За оние од Градски ѕид кои потпишаа против нас, нека им служи на чест. Кога се правеа нивните згради, ние новомаалци дадовме и поддршка и помош – потсетуваат тие.