Педесет и шестгодишна жена од Пробиштип пријавила во полиција дека била измамена за вкупна сума од 1.434.000 денари од лице кое ѝ се претставило како посредник за наследство во криптовалути.
Според пријавата поднесена на 21 февруари 2025 година, измамата започнала на почетокот на јануари, кога лицето стапило во контакт со неа преку телефон, претставувајќи се како штипјанец што живее во Велика Британија. Тој ја убедил дека неговата агенција добила документ со кој се потврдува дека таа е наследник на 590.000 евра во криптовалути. За да ги подигне средствата, требало да плати одредена сума.
Жената била наведена да инсталира неколку апликации на својот мобилен телефон, преку кои измамникот добил целосна контрола врз нејзините финансиски средства. Со негова „помош“, таа подигнала кредит од 250.000 денари во финансиско друштво, кои веднаш биле префрлени преку апликациите.
Дополнително, на почетокот на февруари, жртвата извадила извод од банка и открила дека без нејзино знаење, преку електронско аплицирање, биле подигнати два кредити во вкупен износ од 1.184.000 денари.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и идентификување на сторителот.