Земаш кредит за еден стан, а враќаш како да си купил два

Купувањето на првиот стан е еден од најубавите, но и најстресните доживувања во животот, бидејќи желбата да се има сопствен покрив над глава е една, а можностите тоа да се реализира, се сосема друга работа.

Цените на недвижниот имот во земјава, според економските аналитичари, се повисоки и не соодвествуваат на економските можности на граѓаните. Градежните компании не ги спуштаат цените на станбениот квадрат, бидејќи се правдаат дека тоа не им е исплатливо, а пак, банките, не ги спуштаат каматите на станбените кредити, па се вадат со тоа дека, демек, сме имале најниски камати во регионот.

КРЕДИТ ЗА ЕДЕН, ВРАЌАШ ЗА ДВА СТАНА

Дека е тоа така, може да се провери преку обичен пример.

За да купите стан од 50 квадратни метри во Скопје, по просечна цена од 1.000 евра, потребен ви е кредит од најмалку 40.000 евра, 10.000 евра депозит, околу 500 евра административни трошоци, 500 евра други дополнителни трошоци, ќе морате да соберете околу осум документи, па и повеќе, а и да потрошите најмалку 15 до 20 денови. Кредитот ќе го отплаќате 15 години, ќе вратите главница од 40.000 евра, ќе платите камата од околу 25.000 евра. Секако, за сето наведено, прв предуслов е вашите примања и примањата на вашиот партнер (содолжник) да бидат вкупно околу 730 евра. Значи, сума-сумарум, потребни ви се околу сто просечни нето-плати, односно да работите повеќе од осум години, без притоа ништо да не потрошите, за да го купите најевтиниот стан од 50 квадратни метри. 

Од агенциите за недвижности иако признаваат дека цените на становите се превисоки, сепак додаваат дека на тие што им гори под нозете, ќе купат стан. Но, достапноста на станбени кредити или други форми на финансирање на станбената изградба е тема на која се дебатира со години, без каков било позитивен исход за потенцијалните купувачи. За да можете да земете кредит од банка за покрив над глава, потребно е веќе да имате еден за да го ставите под хипотека, како и да сте во редовен работен однос со просечни примања. Овие кредити се достапни за вработените во институции, јавни претпријатија и бонитетни трговски друштва прифатливи за банките, а каматните стапки по кои се даваат станбените кредити се движат од околу седум до девет проценти, притоа со променлива каматна стапка.