„Зелена лупа“ поднесе иницијатива за утврдување одговорност на тројца судии

Здружението „Зелена лупа“  поднесе иницијатива до Судскиот совет за утврдување одговорност на тројца судии – Гордана Ѓорчева, претседателка на советот на Апелација, Радица Васиљевска и Фатмир Скендер, членови на советот.

„Согласно обработените податоци од страна на експертите ангажирани од ‘Зелена лупа’, станува збор за сторено грубо прекршувања на законот со нестручно и несовесно работење во случај – Срѓан Захариевски против ФК ‘Силекс’. Во овој случај Судечкиот совет при Апелација пресудува спротивно на одредбите на Законот за спорт и Законот за извршување и поништува одлуки на сите претходни судски инстанци кои своите одлуки ги донеле согласно закон. Овие судии со прекршување на законот за спорт донесен 2011 година ја овозможија намерата на тогашната влада за бесплатно преземање и избегнување на плаќање на долговите  обврските кон доверителите согласно законот, во комбинација со новиот закон за ослободување од данок, и бесплатно водење на популарни спортски клубови на до неа блиски бизнисмени“, изјави Васко Тодоровски, извршен директор на Здружението.

Според него, ова оставило многу фудбалери, ракометари, кошаркари и тренери, како и правни лица добавувачи и агенции да не можат да си ги наплатат своите побарувања од клубовите со вкупна вредност од неколку милиони евра.

„Во конкретниот случај, Ѓорчева со нејзиниот совет покрива измама од страна на ФК ‘Силекс’, кој присвоил повеќе од 300.000 евра кои му припаѓаат на фудбалерот Захариевски, што е констатирано од сите претходни судски инстанци во процес кој трае 20 години“, кажа Тодоровски.