Од Зелен Хуман Град, иницијативата на здружени граѓански организации, информираат дека попладнево ќе излезат на раскрсницата пред Универзална во име на Фросина Кулакова и ќе побараат одговорност и правда во нејзино име бидејќи таа веќе не е тука меѓу нас да го направи тоа, а утре може да бидеш тоа ти!
- Правдата ја бараме и од општините, и од градот и од државата за отсуството на политичка волја да ни обезбедат безбедни улици: Во Локалниот еколошки акциски план за Скопје (2020-2026) во заглавјето 5.3 Развој на одржлив локален јавен сообраќај (стр. 168) во инженерски мерки за смирување на сообраќајот е наведено и стеснувањето улици, велат од Зелен Хуман Град.
Што значи, не само што стеснувањето улици е еден од механизмите како да се постигне одржлив локален сообраќај, туку е механизам за зголемување на безбедноста на ранливите учесници во сообраќајот, како што се пешаците, велосипедистите и корисниците на други еколошки превозни средства. Стеснувањето улици освен што ќе демотивира користење возила, ќе придонесе и за намалување на брзината со која возилата се движат низ урбаните средини, што ќе значи намалување на жртвите кои во Скопје се секојдневие. И тоа мора да се изведе на сите улици во градот, појаснуваат од ЗХГ.