Здруженијата на граѓани добија нови простории во Домот на култура во Марино

Општина Илинден како дел од реализацијата на капиталниот проект за изградба на домови на култура во сите 12 населени места, изгради нов Дом на култура во населено место Марино, со површина од 360 метри квадратни.

Со изградбата на новиот дом, како што информираа од Општината, се создадоа просторни услови за функционирање на локалните здруженија на граѓани, услови за одржување на културни настани, трибини, конференции, разни видови предавања, работилници.

Домот на култура „Марино“ претставува енергетско ефикасен објект со централен систем на греење на пелети и е дел од проектот на општина Илинден „Енергетска ефиксаност во јавните општински установи“, кој има за цел подобрување и заштита на животната средина.

Со реализацијата на овој проект сите 12 населени места во Општина Илинден добиваат домови на културата каде што граѓаните имаат услови за меѓусебно дружење и организирање на средби и состаноци.

Свои простории во новиот Дом на култура „Марино“ доби локалната месна заедница, како и членовите на Пензионерскиот клуб „Марино“, при Здружението на пензионери од Општина Илинден, кое брои близу 2.000 пензионери. Досега во Општина Илинден се формирани пет пензионерски клубови во населените места, Илинден, Марино, Кадино, Бујковци и Миладиновци.

Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со континуирани инвестиции во насока на создавање услови за квалитетно живеење на сите нејзини граѓани.