Здружението на инженери бара измена на правилата за наплата на струја – доставена претставка до Регулаторната комисија

Здружението на инженери на Република Македонија поднесе претставка до Регулаторната комисија за енергетика, барајќи итни измени во Правилата за снабдување со електрична енергија. Тие предупредуваат дека актуелниот начин на фактурирање доведува до неправедни наплати за домаќинствата и дополнителна неоправдана заработувачка за ЕВН Македонија.

„Бараме измена на правилата и воведување на месечно отчитување на броилата, наместо сегашниот квартален систем, кој предизвикува несоодветно распределување на потрошувачката и зголемени сметки за граѓаните,“ се вели во претставката. Дополнително, тие предлагаат, во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН да издава фактура со симболичен износ од 420 денари и прикажани нула потрошени киловат-часови, а откако ќе се изврши реално отчитување, пресметката да се коригира според вистинската потрошувачка.

Според инженерите, со воведувањето на блок-тарифите во 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика го промени начинот на пресметка, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување. „Оваа промена доведе до неправилно фактурирање, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, со што нивните сметки неоправдано се зголемуваат,“ велат од Здружението.

Според нивните пресметки, неправедното вклучување во повисоки ценовни блокови може да предизвика значителни разлики во наплатата. „Граѓаните од првиот ценовен блок можат да платат и до 170 денари повеќе, во вториот блок тоа зголемување е 830 денари, а во третиот блок може да достигне и до 8.080 денари,“ предупредуваат инженерите.

Понатаму, во претставката се наведува дека во Македонија има 915.492 броила, додека пописот покажува 598.632 домаќинства. „Ако 80% од домаќинствата се во вториот ценовен блок, а ако само кај 15% од броилата потрошувачката се одредува паушално, годишната дополнителна неоправдана заработувачка на ЕВН може да достигне и до два милиони евра,“ посочуваат од Здружението.

„Регулаторната комисија има обврска да го заштити правото на потрошувачите на фер наплата според реалната потрошувачка. Оваа состојба не смее да продолжи,“ децидни се од Здружението на инженери, очекувајќи институционална реакција. Останува да се види дали Регулаторната комисија ќе одговори на ова барање и дали ќе има промени во правилата за снабдување со електрична енергија.