Здравствен дом ќе го зголемува бројот на екипи по потреба

Поликлиниката на Бит Пазар и дежурната служба во Сингелиќ, деновиве кога е екстремно загадено во Скопје, се најоптеретените здравствени установи во градот.

Респираторните инфекции се најчестата причина за барање на лекарска помош. Од Здравствен дом потврдуваат дека имаат зголемен број на пациенти. Во следниот период очекуваат гужви во специјалистичките ординации од хронично болните кои се најзагрозени од опасните ПМ честички. Најавија засилување на овие служби, но и на поголем број на екипи во Брза Помош и дежурните пунктови.

- Ако има потреба ќе бидат засилени и технички и со персонал, изјави др. Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје

Со полн капацитет работи и службата за Итна медицинска помош кои само во текот на вчерашниот ден интервенирале кај 9 мозочни удари.

- Брза Помош е во максимален алерт и како и што се очекуваше, најмногу има пораст на респираторните, кардиоваскуларните и мозочните удари, вели Мехмедовиќ.

Освен поликлиниките, овој период преполни  се и останатите здравствени установи во Скопје. На Пулмологија има посебна амбуланта за пациенти кои имаат проблеми со дишењето поради загадениот воздух, а на одделението за кардиологија во ГОБ 8-ми септември немаат простор за хоспитализација на сите срцево болни.