Здрава храна која ни е потребна во текот на летото

Како што се менуваат годишните времиња, така се менуваат и нашите потреби и навики во однос на исхраната.

Летниот период е исполнет со сезонско овошје и зеленчук кои се одлични намирници, секогаш препорачани од нутриционистите. Освен тоа, со оглед на тоа дека изложеноста на сонце знае да предизвика оштетувања на кожата потребни ни се состојки кои ќе ја заштитат, а и ќе ја спречат дехидратацијата од високите температури.

Нутриционистите препорачуваат исхрана богата со електролити, како калиум калциум и магнезиум кои ги губиме додека се потиме. Освен тоа, витаминот Ц е одличен за хидратација и заштита на кожата од оштетувањата од ултравиолетовите зраци.

Треба да знаеме дека сезонското овошје и зеленчук се побогати со хранливи состојки отколку кога ги консумираме надвор од нивната сезона. Тие во летниот период содржат повеќе витамини, минерали и антиоксиданти. Особено важно е да се од локално производство и органски, без пестициди. 

Ова се најдобрите состојки кои ни се потребни во текот на летото:

Лубеница

Лубеницата е одлична храна која можеме да ја вклучиме во речиси секој оброк во текот на денот. Таа е богата со 90% вода, а содржи многу малку калории и шеќери. Освен тоа, ги содржи витамините А и Ц и моќниот антиоксидант ликопен. Има ли некој кој не сака лубеница?

Домати

Доматите секогаш се повкусни кога се свежо набрани во текот на летото. Тие се нашата омилена состојка за шопска салата, но можат да се дел од речиси секој оброк во текот на летниот период. Како и лубеницата и тие содржат ликопен, кој е моќен антиоксиданс. 

Шумски плодови

Боровинките, јагодите, малините и капините се одличен додаток во нашите утрински пијалоци или пак во свежите овошни салати. Тие ги штитат клетките од оксидативниот стрес и во многу случаи штитат од рак. Дополнителните истражувања покажуваат дека тие содржат највеќе антиоксиданти од било кое друго овошје.

Пченка

Пченката е одличен додаток во салатите и чорбите, а таа е прилично здрава храна на која често забораваме во текот на летото. Можеме да ја најдеме свежа на зелените пазари и да ја зготвиме дома онака како што нам ни одговара. Таа содржи витамин А и Ц, калиум, но и природни влакна кои го подобруваат дигестивниот систем и варењето на храната.

Краставица

Краставиците се освежителна храна која е составена од 96% вода. Тие се богати со електролити и се одлични за да се заштитиме од дехидратацијата во текот на летните жешки денови, а освен тоа можат да бидат и одлична ужинка кога не сме премногу гладни, но сепак ни е потребно нешто да каснеме.

Праски

Праските се најдобриот освежувач на кожата во текот на летните денови. Тие се одличен извор на витамин А и Ц, а и се едно од највкусните летни овошја. Можете да ги консумирате на различен начин, а наш совет е да ги ставите на тава, да ги запржите малку и да додадете малку цимет.

Лимон

Лимоните се познати по високите нивоа на витамин Ц, како и флавоноидите. Студена лимонада во текот на летото е најдобар начин да се освежиме, но и да осигураме дека внесуваме доволно витамин Ц во текот на денот.