Завршува проектот Скопје 2014

Проектот Скопје 2014 се заокружува и завршува, вели во интервјуто за порталот Пресс 24 премиерот Никола Груевски. Груевски вели дека во делот на споменици овој проект е и завршен, освен споменикот на Мајка Тереза. Објектите каде финансира државата се речиси сите завршени, освен неколку кои се при крај.

Скопје 2014-та е проект за кој многу луѓе ми честитаат, и многу луѓе се против. Тоа е проект кој беше пречекан од старт со доста контроверзии, прво колку што се сеќавам критиките беа дека е лага и нема да се реализира, но потоа кога почна да се реализира критиките се за стилот и што ли уште не им текна во меѓувреме. За среќа, значително е поголем бројот на подржувачи, што се гледа не само од истражувањата на јавното мислење по ова прашање, туку и од досегашните изборни резултати. Како и да е, јас во март кажав, а сега и ќе повторам. Надвор од оние споменици за кои е почната процедурата, нови не се планираат. А единствен за кој е почната процедурата а не е завршен, е скулптурната композиција на Мајка Тереза во Скопје, која започна пред околу еден месец и треба да заврши за околу една година. И тука се застанува со нови споменици. Значи државата нема да гради нови споменици. - вели во интервју на Прес24 премиерот Никола Груевски.

На новинарско прашање тој додава дека основната идеја на проектот Скопје 2014-та не беше барокот или неокласицизмот, тоа е само стил, кој патем кажано постоел во Скопје на поедини објекти.

Идејата беше градење на институции на државата и зацврстување на идентитетските одредници на нашата нација и секако сериозен допринос во развојот на туризмот. За една држава е важно да има институции, свои институции, а не институции под кирија какви што имавме и за кои плаќавме огромни кирии на поединци бизнисмени, и една држава мора да има паметници за нејзиното минато, паметници на херои, успеси, битки, победи, историски настани, калење на духот. - вели Груевски во интервјуто.