Зaврши реконструкцијата на улицата „Александар Урдаревски“ во Бутел

Заврши реконструкцијата на коловозот на дел од улицата „Александар Урдаревски“ во општина Бутел.

Оваа сообраќајница се реконструираше од крстосницата со улица „Бутелска“ до крстосницата која води кон влезот во гробиштата Бутел, во вкупна должина од околу 800 метри. На овој дел целосно се извади старата и оштетена коцка и се замени со асфалтна површина, а се изградија и нови тротоари со ширина од по два метри, соопштија од Град Скопје.

Покрај коловозот, посочуваат од Град Скопје, на дел од оваа улица се изгради и нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, се обнови уличното осветлување, а се постави и нова вертикална и хоризонтална сигнализација.

Со реализацијата на овој проект ќе се подобри поврзаноста на овој дел од градот и општината Чучер Сандево, а воедно ќе се зголеми и безбедноста за сите учесници во сообраќајот.