Завршена реконструкцијата на улицата „Жил Верн“ во Кисела Вода

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека била завршена реконструкцијата на улицата „Жил Верн“.

„Оваа сообраќајница која не беше обновена повеќе од четири децении, конечно го доби ликот кој го заслужува- со целосно нов коловоз и безбедни тротоари во должина од 215 метри. Нејзината ревитализација беше еден од нашите главни приоритети, бидејќи значително ќе ја подобри сообраќајната безбедност и квалитетот на живеење во овој дел од нашата општина“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Таа посочи дека ова било уште еден од низата проекти кои ги реализирале во рамките на соработката со Владата за капитални проекти во општините (фаза 2), поддржани преку унгарскиот кредит и договорот со Министерството за транспорт и врски.