Возачот Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина Кулакова на булевар „Партизанска“, успеал да се снабди со телефон во затворот во Шутка, преку притвореник од Гевгелија, дознава „Скопје1“. Според затворски извори, уредот бил пренесен меѓу ќелии сокриен во пакување колачи. Оваа „услуга“ чинела 250 евра, а бидејќи Јованов немал средства во затворот, парите биле уплатени надвор, преку блиска роднина на притвореникот, од страна на лице од неговото опкружување.
Отворено останува прашањето како телефонот бил внесен во затворот, иако пратките за затворениците минуваат низ метал-детектори и строги контроли. Според правилниците, строго е забрането пренесување на предмети, дури и храна, од една ќелија во друга.
Веднаш по влегувањето во притвор, Јованов побарал телефон, но никој од останатите затвореници не сакал да му го даде. Сепак, информацијата стигнала до еден притвореник кој е во затворот подолго од една година, кој се понудил да го обезбеди телефонот во замена за финансиска надокнада.
Најголемиот предизвик бил пренесувањето на телефонот од една ќелија во друга. Според извори од затворот, во тоа помогнал дежурен затворски полицаец, кој, без да се посомнева, ја пренел опаковката со колачи во соседната ќелија. Притвореникот го замолил полицаецот да им однесе благо на „соседите“, тврдејќи дека немале, а тој ја исполнил молбата без дополнителни проверки.
Плаќањето за телефонот се извршило надвор од затворот, бидејќи Јованов немал пари внатре. Постојат информации за тоа кој точно ја извршил уплатата, но засега се знае само дека се работи за лице блиско до Јованов. Истрагата треба да открие кој и на кој начин го внел телефонот во затворот.
Со телефонот, Јованов контактирал со неговата девојка и родителите, разменувајќи пораки и телефонски повици. Меѓутоа, телефонот не останал во негова сопственост долго – друг затвореник го фотографирал додека го користи и почнал да се фали со фотографиите надвор од установата. Овие слики набрзо завршиле во јавноста, што довело до откривање на случајот.
Од „Скопје1“ побарале потврда за овие наводи од директорот на затворот, Бобан Утковски, кој изјави дека во моментов се води истрага, па засега не може да коментира детали. Тој нагласи дека сите информации ќе бидат објавени штом истрагата заврши.
Претходно, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, изјави дека процесот на откривање на лицата вклучени во внесувањето на телефонот нема да биде брз.
По скандалот, Јованов бил преместен во самица, откако претходно ја делел ќелијата со уште пет лица. Тој беше ставен во притвор поради опасност од бегство, можност за повторување на делото и влијание врз истрагата.
Преку својот адвокат, Јованов се спротивстави на притворот, барајќи да се брани од слобода или да му се одредат алтернативни мерки како домашен притвор или одземање на пасошот, но неговото барање беше одбиено.
Обвинителството потврди дека во моментот на несреќата, Јованов бил под дејство на алкохол и без возачка дозвола, кога ја прегазил Фросина Кулакова на пешачки премин. Истрагата за случајот е во тек.