Заразено дете со ковид 19 три дена одело во градинката во Струмица

Во клон на градинката „Детска радост" во Струмица вчера беше потврден прв позитивен случај на ковид-19 кај петгодишно дете. Директорот вели дека петгодишното дете градинката ја посетувало три дена и дека е заразено во контакт со позитивен на Ковид-19 член на фамилијата.

– Во текот на вчерашниот ден добивме известување од родител на дете на возраст од 5 години кое престојува во еден од објектите на детската градинка, дека во нивното потесно семејство имаат лице позитивно на ковид-19 и дека во текот на денот цело семејство ќе биде тестирано како случаи сомнителни на ковид -19. По добиената информација одговорното лице за постапување во нашата градинка веднаш стапи во контакт со службата на ЦЈЗ Струмица и постапи согласно Алгоритамот за постапување во градинките во случај на појава на дете со симптоми, сомнително/ позитивно на ковид-19. Во текот на денешниот ден ја добивме информацијата од ЦЈЗ дека детето е позитивно на ковид-19, согласно Алгоритамот за постапување ги преземавме сите мерки и ги обезбедивме податоците за останатите дечиња – вели Васил Бубев, директор на ЈОУДГ „Детска радост" Струмица, во изјава за „Слободен печат“.

Бубев додава дека набргу по ова е извршена дополнителна дезинфекција во градинката, како и тоа дека 11 дечиња се ставени во изолација. Директорот вели дека петгодишното дете градинката ја посетувало три дена и дека според информацијата која ја добиеле е заразено во контакт со позитивен на Ковид-19 член на фамилијата.