Запуштени и празни малите трговски центри во Скопје

Малите шопинг центри градени во главном во 90-тите години денес се запуштени, празни и често мета на крадци. Некогаш места кои беа полни со продавници и купувачи денеска се сведоштво за загубената битка со модерните, големи молови. Добар дел од нив, покрај класичен трговски центар, се градени и како деловна зграда која е во склоп на објектот, па денес единствено фирмите кои имаат канцеларии во нив се сеуште нивни „жители“. Малите бутици и продавници се затворени поради ниската фреквенција на луѓе која ги посетува. Скопјани се повеќе се научени на шопинг да одат во поголемите модерни трговски центри.

Катанци на вратите, искршени излози и темни ходници, дополнително го оттргнуваат луѓето од посетување на истите. Мавровка, Буњаковец, Скопјанка, симболите на градот од 90-тите, пропаѓаат и се неискористени. Нови продавниц нема, бидејќи кражбите се честа појава. Крадците немаат проблем да обијат дуќан бидејќи во овие трговски центри нема обезбедување и не ретко не се соодветно осветлени.

За „Телеграф“, на кражбите се пожали сопственикот на бурекџилница во трговскиот центар Мавровка. Тој е долги сопственик на бурекџилницата во овој трговски центар, па вели дека речиси секој ден се случува по некоја кражба. Приземјето на овој комплекс е колку толку во функција, бидејќи фреквенција има, од автобуската која е во близина и факултетите кои се наоѓаат од другата страна на улицата. Најмногу работа имаат кафулињата, кои преку работната недела се преполни од студенти. Трговскиот центар „Алуминка“ во Карпош 3, се наоѓа во уште полоша ситуација. Киријата за дуќаните се движи околу 100 евра, но никој не се нафаќа да ги земе под закуп.

Овие трговски центри ја загубија битката со модерните затворени трговски центри, бидејќи тие се отворени секој ден дури и за празници, до 23 часот. Понудата во нив е поголема, покрај бутици и продавници, има и добар избор на ресторани и забавни содржини.

Фотографиите се превземени од веб-порталот Телеграф.мк(telegraf.mk)