Започнува најголемиот европски музички фестивал Егзит

Во Нови Сад од денес до недела се одржува најголемиот европски музички фестивал Егзит.Оваа година се очекува најмасовна присутност, односно организаторите најавија дека магичната Петроварадинска тврдина ќе биде домаќин на преку 100.000 домашни и странски гости.

Исто така, годинава фестивалот нуди и навистина атрактивна програма, поделена во преку 20 бини.

На главната бина овие 4 фестивалски дена ќе имаме можност да ги слушнеме Лиам Галагер, Џејсон Деруло, Лост Фриквенсис, Јиарс енд јиарс, Рег н боум мен и многу други светски познати артисти, а во недела се очекува експлозивна завршница со настапот на ултрапопуларниот диџеј Хардвел кој овој август настапува и во Охрид на фестивалот Охрид Колинг.

И Македонија има свој претставник на Егзит, тоа е скопскиот бенд Визија кои во петок настапуваат на таканаречената фјужн бина.

Утре на официјалното отворање на фестивалот свој говор ќе има познатиот мотивациски говорник Ник Вуичич кој ќе збори за сериозноста на проблемот поврзан со ефектот од климатските промени.

Интересно е тоа што годинава фестивалот се одржува под мотото „Самр оф лав“ односно лето на љубовта, со што се одбележува 50 годишнина од настанот познат како Лето на љубовта кој се случил во 1967 година кога 100.000 жители на Сан Франциско облечени во хипи стил продефилирале на улиците во овој американски град.