
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески денеска сподели дека започнала реконструкцијата на јавните пешачки површини кај ТЦ „Три бисери“.
„Општина Аеродром започна со реализација на уште еден значаен и капитален инфраструктурен проект – целосна реконструкција на пешачките површини кај ТЦ „Три бисери“, простор што секојдневно го користат голем број наши сограѓани“, истакна Митески во објава на Фејсбук.
Со овој проект ќе се уредат околу 4.000 квадратни метри јавен простор, на потегот покрај булевар „Јане Сандански“ – од зграда број 7 до зграда број 11. При тоа, како што посочи градоначалникот, старите и дотраени павер-елементи ќе се заменат со нови и современи, со што овој фреквентен дел од Аеродром ќе добие модерен, уреден и побезбеден изглед.
„По неколку децении, конечно се создаваат услови за поголема безбедност и поквалитетен јавен простор за жителите, но и за сите посетители на трговскиот центар. Оваа инвестиција, во вредност од 17,2 милиони денари, се реализира со поддршка од Владата, што претставува уште еден чекор кон системско подобрување на инфраструктурата и урбаниот изглед на нашата општина“, нагласува Митески, кој воедно порача дека ќе продолжат посветено да инвестираат во проекти што го подобруваат секојдневието на граѓаните и го разубавуваат Аеродром.