
Започната е темелната реконструкција на објектот на месната заедница во Драчево - проект што долго време го очекуваа жителите на оваа населба, информираше денеска градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Објектот добива целосно обновен кров и нова фасада. Со тоа се унапредува енергетската ефикасност и се создаваат подобри услови за користење. Ќе биде направена и комплетна замена на електричната, водоводната и канализационата инсталација. Греењето и ладењето во обновениот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи, со што ќе се обезбеди ефикасно и економично функционирање на објектот.
„Месната заедница ќе добие и целосно нова, функционална внатрешност. Простор прилагоден за потребите на граѓаните. Објект кој со години беше во лоша состојба сега добива нов лик. Модерен, безбеден и квалитетен простор за средби, активности и услуги за жителите на Драчево“, истакна Стаменкоска Трајкоска во објавата на Фејсбук.
Градоначалничката посочи дека проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит.
„Со конкретни дела, вложуваме во она што директно им служи на граѓаните. Рамномерно, во сите населби и населени места“, порача таа.