
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска информираше дека започната е реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, еден од најголемите и најзначајни инфраструктурни проекти во Чаир.
„Денес, заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означивме почетокот на реконструкцијата на една од клучните сообраќајни артерии во овој дел од градот, улицата „Лазар Трповски“. Проектот е клучен, бидејќи значи поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните“, истакна Ѓорѓиевски.
Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување.
Градоначалникот на Скопје вели дека ова е современо сообраќајно решение кое ја става безбедноста на прво место - и на возачите, на пешаците, и на велосипедистите.
„Сите знаеме дека во минатото оваа улица беше црна точка на сообраќајната мапа на градот, место каде што премногу често се случуваа незгоди. Со оваа реконструкција ставаме крај на импровизациите и на небезбедните услови. Воведуваме јасна сигнализација, подобра прегледност и инфраструктура што одговара на реалните потреби на граѓаните, вели Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека Чаир добива улица по европски стандарди, функционална, безбедна и модерна.
Исто така додаде дека до крајот на годината ќе започнат постапка за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, која ја оцени како една од најважните градски трансверзали низ која секојдневно гравитираат повеќе од 100.000 граѓани и која поврзува неколку скопски општини.
„Овој проект ќе значи трајно решение за метежот, за небезбедноста и за долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница, каде речиси секојдневно се случуваат незгоди. Она што со години беше само празно ветување, денес станува реалност, порача градоначалникот.