Започна асфалтирањето на улицата ,,Киро Фетак” која ги поврзува Кисела Вода и Аеродром

Денес започна поставувањето на нов асфалт на улицата ,,Киро Фетак” - дел од регионалниот пат Р-1106 кој е важна сообраќајна трансверзала што ги поврзува општините Кисела Вода, Аеродром, Зелениково и Студеничани со автопатот информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

„Улицата добива и нови тротоари и рабници. Паралелно, се проширува и мостот, кој во изминатите години важеше за опасна точка каде се случуваа многу сообраќајни незгоди. Општина Кисела Вода до Владата на Република Македонија аплицираше со проект за целосна санација на постојниот мост, додека Јавното претпријатие за државни патишта ја реализира санацијата и проширувањето на самата улица“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој им се заблагодари на министерот за транспорт Александар Николоски за реализацијата на овој проект, до директорот Коце Трајановски, како и до Премиерот Христијан Мицкоски.

„Овој проект е од исклучителна важност за жителите на неколку општини, но и за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Остануваме посветени, а најдоброто допрва доаѓа“, потенцираше Ѓорѓиевски.