Заокружи сметка во Веро и донирај за СОС Детско село

„Заокружи сметка“ е најновата иновативна донациска активност што ја организира Веро, наменета за помош на децата без родителска грижа од СОС Детско село. Преку оваа акција Веро го промовира значењето на индивидуалните донации меѓу своите потрошувачи кои на едноставен начин можат да се вклучат и да донираат средства за децата од СОС Детско село.

Акцијата „Заокружи сметка“ почнува денеска (15 декември) и ќе трае до 15 јануари, а се базира на многу едноставен концепт. Во наведениот период, секој потрошувач кој пазарувал во Веро маркетите може да даде личен придонес и да донира одреден износ по сопствена желба за СОС Детско село. Имено, при плаќањето на сметката на каса, потрошувачите може да „ја заокружат сметката“ на некој повисок износ, при што целата разлика меѓу износот на пазарувањето и заокружениот износ оди во хуманитарна цел, односно за децата без родителска грижа.

Овој иновативен донациски концепт за првпат се организира во земјава. Покрај тоа што има примарна цел да обезбеди донации за СОС Детско село, идејата на акцијата „Заокружи сметка“ е да ја поттикне индивидуалната филантропија кај граѓаните.

- Веро е компанија која секогаш презема иновативни чекори кога станува збор за донациите, особено оние преку кои се обезбедува подобра иднина за децата без родителска грижа. Преку оваа акција сакаме да ги мотивираме и да ги охрабриме нашите потрошувачи да донираат во согласност со своите можности и да им покажеме дека она што за некого е малку, за друг значи многу. Најважно е да сфатиме дека секоја индивидуа преку личен ангажман може да направи голема промена во општеството, а сите заедно може да придонесеме за поубав свет и да им обезбедиме подобра иднина на децата без родителска грижа. Се надевам дека акцијата ќе биде многу успешна и дека ќе биде инспирација и за другите компании од земјава – истакнува Петар Денковски, генерален директор на Веро.

Од СОС Детско село ја поздравуваат донаторската акција, истакнувајќи дека се особено горди што партнерот Веро беше отворен да го слушне концептот „Заокружи сметка“ и покрај тоа што ваква донаторска кампања досега се нема реализрано во нашата земја.

- Следејќи ги интернационалните стандарди и проекти кои го поттикнуваат индивидуалното донаторство, клучен партнер се компании како Веро кои секојдневно имаат контакт со голем број граѓани и така може да се прошири мисијата на СОС Детско село: Топол дом и грижа за секое дете. Ако се прашувате зошто да донирате, одговорот е затоа што споделувањето и помагањето додаваат вредности во животот на секоја индивидуа. Ние како индивидуи имаме моќ да влијаееме, коригираме и да предизвикаме позитивни промени, а воедно чувството кога знаеме дека сме помогнале некому е навистина прекрасно и нѐ оплеменува. Да го искористиме празничниот дух за секое дете да ја почуствува магијата на семејството. Само со мал придонес при заокружувањето на сметката во Веро и децата од Сос Детско село ќе се чуствуваат како да се на вашата празнична трпеза – вели Јулијана Накова - Гапо, генерална директорка на СОС Детско село.  

Таа ги повикува граѓаните да ја заокружат сметката на каса во Веро маркетите за да ја внесат магијата од нивниот дом во детските срца и да донираат за секое дете со љубов и бескрајни насмевки.