Замина прерано, но никој нема да го заборави: Деценија без Тоше со голем концерт и со албум

1981.- Во Прилеп е роден Тоше Проески. Музичката кариера ја започнал со настапот на „Мелфест“ во 1997 година.

Патот кон ѕвездите му го отвориле песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој бил претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освоил 14-то место. Во 2004 година, Проески бил именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издал песната „За овој свет“. Ги објавил албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007). Сингловите од албумот „По тебе“ по неколку месеци се наоѓале на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни.

Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце не е камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други. Тоше ги привршувал студиите на Музичката академија во Скопје и работел на музичката кариера во светски рамки. Последниот концерт во Македонија го одржал на 5 октомври на Градскиот стадион во Скопје.

Концертот бил хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во земјава. Тоше Проески загинал на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.

Со крводарителска акција, изложба на фотографии на Тоше и промоција на негова нова песна денеска во Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево ќе биде одбележан 36 роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда, која 2007 година трагично го загуби животот во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Манифестациите ги организира Фондацијата „Тоше Проески“ во соработка со Спомен куќата – музеј на Гумење во Крушево, вели Елена Мирчевска, директор на музејот- спомен куќа „Тоше Проески“.

– Денеска во текот на целиот ден во Спомен-куќата ќе се спроведе крводарителска акција. Напладне, во 12 часот ќе биде отворена изложбата на петнаесетина досега необјавени фотографии на Тоше. Денеска, на роденденот на Тоше кога требаше да наполни 36 години ќе се промовира и инструменталната верзија на песната на Тоше „Никада“. Инаку, веќе се дојдени неговите фанови од Бугарија, Србија, од Русија за уште еднаш да му укажат чест и почит на Тоше за сето музичко творештво што го создаде и за сите хумани дела, вели Мирческа.

Во спомен на Тоше Проески  ќе се одржи и панихида на неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево.