Заклетвата на една мајка...

Јас се викам мама. Понекогаш ќе ме викаат и мајка. Понекогаш стара. Понекогаш ќе ме викаат и по име. Некогаш воопшто нема да ме викаат, туку ќе ме туркаат од себе. Понекогаш и едно плачење ќе биде доволен знак дека сум потребна. Да бидам тука. Ќе бидам будна и 24 часа на ден. Дури и кога спијам. Секогаш на штрек. Со едно око отворено и едно уво начулено. Ќе чекам да почне да седи, па да ползи, па да прооди. 

Ќе ми ги подава рачињата и ќе трча со дебелите ноџеца, со насмевка на ангел, а јас ќе бидам среќна поради таа слика, но и ќе бидам загрижена, да не ми падне детето и да не се повреди. Ќе го галам, бакнувам и прегрнувам. Кога ќе ми дозволува. Ќе викам, ќе посакувам да ме нема во часовите на лудило, умор и стрес, но секогаш ќе се трудам да не го правам тоа пред бебето. 

Ќе ја хранам, ќе менувам пелени, ќе ги бакнувам тие малечки стапала. Ќе ја учам и ќе ѝ зборувам. Ќе ѝ покажам дрво и ќе го допреме дрвото. И ќе го глумиме дрвото. Ќе ѝ го покажам кученцето. И ќе го допреме кученцето. И ќе лаеме како куче. Ќе ѝ раскажувам бајки. Но, ќе ја учам дека животот не е секогаш бајка. Дека постојат и Пепелашки и Снежани и џуџиња и злобни вештерки, злобни маќеи, дека постои Петар Пан и дека некаде сигурно постојат Ивица и Марица, дека постојат и трите прасиња и волкот и седумте јариња. 

Ќе танцуваме додека пееме и ќе пееме додека танцуваме. 

Ќе освојуваме скала по скала, како да се качуваме на највисокиот врв на светот. А кога ќе порасне, ќе можеме заедно да ги освојуваме тие планини. Иако јас повеќе сакам море. Ќе бидам болна и кога бебето ќе биде болно. Дали навистина или од стрес, не знам. Но и болна ќе бидам покрај моето злато. Тој е важниот. Нему е потешко од мене. Ќе му купувам најубави костумчиња и чевлички. Можеби нема секогаш да бидат најскапи, но секогаш ќе бидат удобни. И најубави. И ќе гледам како расте. Како маичките му стануваат мали. Па сите тие работи ќе ги чувам. Се надевам засекогаш. Ќе му купувам играчки. Дрвени, едукативни, гумени и пластични. 

Но, пред сѐ, ќе му купувам книги. И додека ми седи во скут, ќе го учам за животните. Ќе се топам од љубов кога ќе ми каже мама. И ќе бидам горда кога ќе кажува други зборови. Ќе го носам и земам од градинка. Ќе го носам на прошетки. И кратки и долги.

Заедно ќе откриваме нови улици и нови предели. Ќе штета покрај мене. Или ќе го носам во раце. Понекогаш ќе го шетам во количката. Ќе го бркам низ дома и ќе се кријам на видно место за да ме најде и кога ќе ме најде ќе се смееме на глас. Ќе го учам да не го допира шпоретот, штекерите и останатите опасни работи. Ќе го учам и ќе се надевам дека сум успеала да го научам нешто. Ќе ја делиме храната. 

Ќе се муртиме кога ќе јадеме лимон, а ќе се смешкаме кога ќе јадеме чоколадо. Ќе го пробаме секое јадење и ќе јадеме што ќе ни се јаде. Навечер ќе ги гледаме ѕвездите. И месецот. И облаците. Ќе го гледаме сонцето преку ден. Ќе шетаме на дожд и на снег. Ќе правиме ангели во снегот. И Снешко. Ќе береме цвеќиња. И ќе играме фудбал. И кошарка. 

Ќе се возиме со автобус. Со воз. Со автомобил. Ќе летаме со авион. И ќе летаме на крилјата на фантазијата. 

Ќе учиме еден од друг. За животот. Љубовта. Среќата. 

И што е најважно од сѐ, секој момент ќе го споделуваме со тато. Нашиот најмил. Затоа што кога тројцата сме заедно, сѐ е поубаво. И полесно.