„Загубата не може да се надмине, туку луѓето треба да научат како да продолжат да живеат со неа“ - Професорката и психолог Јовановска Стојановска за трагедијата во Кочани

 

Во понеделник, 16.март, се навршува точно една година од најголемата трагедија во Македонија во поновата историја! 

Една година болка, тага, емоции кои е тешко да се пренесат со обични зборови...

„Пулс“, „ДНК“, млади кои излегоа да се забавуваат, но не се вратија... Никогаш. По 16. март 2025 година веќе ништо не е исто за Кочани, ниту за Македонија. 

Во кобниот пожар загинаа 63 лица, а со тоа оваа трагедија стана една од најголемите катастрофи во Македонија од осамостојувањето на земјата, по бројот на жртви. 

Година подоцна чувствата и емоциите на болка и тага се тука, но мора да се продолжи понатаму во животот.

Немоќ, неправда, болка, страв... Вечна љубов и непребол кај родителите!

Семејствата кои ги загубија своите чеда и нивните блиски месеци по трагедијата на располагање имаа бесплатна психолошка поддршка. Стручни лица им беа на располагање на ожалостените со цел, преку стручен разговор, поддршка, сочувство... да продолжат со секојдневието...

На терен беа голем број стручни лица од Комората на психолози на Македонија, а меѓу нив и професорката д-р Мирјана Јовановска Стојановска, која е и вонреден професор на факултетот за психологија на МИТ Универзитетот. 

Јовановска Стојановска  во интервју за нашиот портал Скопје Инфо, во август минатата година, изјави дека нормално е после ваква голема трагедија луѓето да имаат силни непријатни и тешки емоции.

- Стравот, тагата, лутината, болката, чувството на загуба, вина, срам, изгубеност се нормална реакција на ваква катастрофа. Загубата не може да се надмине, туку луѓето треба да научат како да продолжат да живеат со неа. Никој не треба да остане сам со својата болка затоа е битно луѓето да се зближат, семејствата да се сплотат, другарите да се здружат, рече таа во одговор на нашите прашања. 

- Заедно со сите граѓани поминував низ сѐ што се случуваше. Луѓето и градот ми станаа многу блиски. Народот е остроумен, питом и добар, а градот е убав и топол. Трагедијата не може да го уништи тоа. Болката и тагата го покрија градот како невидлив превез и им натежнаа на луѓето на рамениците и срцата. Но, тоа не ја смени топлата големина на душите на луѓето. Градот живее со оваа трагедија на еден различен неверојатен начин и понатака. И сите се обврзани да продолжат понатака за никогаш да не се заборават имињата на изгубените млади животи, раскажува професорката Јовановска Стојановска чие интервју во целост може да го прочитата на следниов ЛИНК