Заев: Не сме многу далеку од договор со Бугарија

 Република Северна Македонија прави се што е неопходно во функција да се постигне решение за отворените прашања коишто постојат со Софија, изјави денеска премиерот Зоран Заев, посочувајќи дека Бугарија е голем пријател на земјава и оти верува дека ќе остане на таа линија.

–  Како што реков, ние не сме многу далеку од договор. Само треба да ја имаме добрата волја, да гледаме позитивно и да ја имаме проектирана иднината пред нас. Верувам дека ќе случи до еве, вториот Совет на министри на ЕУ на 8, 9 или 10 кога и да е, и една средба помеѓу мене и премиерот (Бојко) Борисов, а верувам дека и нашите работни групи коишто контактираат интензивно ќе создадат и атмосфера за тоа, зборувам  за двете страни. Нормално, се развиваат идеи, се разглобува секаков вид на варијанти во духот на дигнитетот и достоинството на двата пријателски народи да се изнајде европско решение со вградените европски вредности во него. Јас верувам дека тоа е возможно. Секако ова екстра време кое што испадна давајќи ни ја шансата за одложениот ГАК или Советот на министри е извонредна можност да бидеме паметни двете страни и да ја искористиме како можност, истакна Заев на маргините на Македонскиот енергетски форум 2020.

Одговарајќи на новинарско прашање околу тоа за што се дискутира со Бугарија, Заев посочи дека не се зборува за отстапки, туку за решенија за двете страни.

– Не зборуваме за отстапки. Се зборува за решенија на двете страни. Постојат начини како тоа да се реши. Секако, уште еднаш потенцирам, драго ми е што Бугарија го признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност, а верувам низ тие формулации ќе се изнајдат и решенијата заради тоа што постојат решенија, секако внимавајќи едни на другите како страни во договорите – ние на бугарската страна, а бугарската страна да внимава на нас. Тоа го прават пријателите и верувам дека покажеме уште еднаш дека сме големи пријатели, нагласи премиерот.

Во однос на реакциите на бизнис секторот, оти на сметка на политиката трпи релацијата на македонско-бугарските бизнис односи, Заев посочи дека деловните врски меѓу двете земји се извонредни.

– Како што се закочени насекаде низ светот може да трпат токму и тие. Македонско-бугарската комора има одлична соработка од двете страни. Во последната година иако е КОВИД година, во поголем дел од месеците имаме нови 12-13 бугарски инвестиции и две наши македонски во Бугарија, барем нотирани во мојот кабинет, што е навистина реткост. Секако се случуваат во различен вид на дејности. Жалам што трговијата е опадната секаде, па опадната е билатерално и помеѓу двете земји, но перспективите се одлични. Тоа нека биде само мотивација повеќе политиката да ги изнајде начините на решавање на политичките проблеми за да може економиите да соработуваат, да овозможуваат работни места, да креваат плати, да создаваат профити за бизнисите, а преку тоа да почувствуваат благодет и Македонците и Бугарите, рече премиерот Заев.