Заев: Мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати, не е исклучено да има рестрикции

 Се прават анализи за следните чекори во справување со КОВИД-19, се размислува за рестрикции, за што деновиве ќе заседава и Советот за безбедност, но мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати  – од 1 ноември R факторот на преносливост се намалува и тоа ќе продолжи така доколку и натаму се  спроведуваат актуелните мерки за заштита, оцени премиерот Зоран Заев.

Посочи дека јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19. Во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручен кадар за справување со оваа ситуација.

Во однос на набавката на вакцина откако ќе биде одобрена, премиерот Заев нагласи дека земјата е вклучена во КОВАКС-механизмот на Светската здравствена организацја за да се обезбеди рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини против КОВИД-19 и дека Северна Македонија, како и Западен Балкан, ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки.