Заев и Ахмети без договор за парламентарно мнозинство и влада

Зoран Заев и Али Ахмети, лидерите на СДСМ и ДУИ, и по вчерашната трета средба по изборите не постигнаа договор околу формирањето на нова влада. И двајцата изјавија дека разговорите ќе продолжат,а доколку има волја ќе се постигне позитивен епилог. Рокот за постигнување оговор истекува на 15 август, в сабота. 

Од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски по изјавата на досегашниот спикер на Парламентот Талат Џафери, кој смета дека без избран претседател законодавниот дом не може да се смета за конституиран, појаснуваат дека согласно уставните одредби во член 90 став 1 рокот за доделување на мандатот е десет дена од констиуирањето на Собранието. Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано.

„Во 2016 година, тогашниот претседавач, Трајко Велјановски, испратил допис датиран на ден 30 декември 2016 година, со кое го информира тогашниот претседател Иванов дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите, иако не е избран претседател“, наведоа од кабинетот.

Кабинетот на претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери, со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август 2020 година.

„Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година“, информираат од кабинетот на Пендаровски.

Џафери, пак,  за ТВ 21 изјави дека според него без избран прв човек на Собранието нема конституиран Парламент. Тој сѐ уште не испратил известување до шефот на државата Стево Пендаровски за формирањето на парламентот со што би почнале да течат роковите за доделување на мандатот.

Минатиот вторник во Собранието се одржа конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав, но не беше избран претседател на Собранието, негови заменици и членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, и за тоа, според претседателот на претходниот состав Талат Џафери, ќе се дискутираат тогаш кога ќе се создадат услови за тоа.

Со одржувањето на конститутивната седница течат роковите за формирање на влада. Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По вчерашната средба со Ахмети во Собранието, Заев истакна дека жали што не може веднаш да каже дека е постигнат договор и најави дека разговорите ќе продолжат следните денови. Очекува неделава да биде доделен мандатот за формирање влада и порача дека таа треба да се формира за да носи решенија за одговор на предизвиците. Нови избори, како што вели, не се решение затоа што ќе се повтореле резултатите. На разговорите со Ахмети имале напредок во аргументацијата на ставовите на двете партии.

 Има, вели, многу суштини и многу детали за коишто е вредно да се разговара.

izvor-mkd.mk