Заев: Ако некој го прекрши законот ќе одговара, без разлика со кого е близок

Ако некој го прекрши законот ќе си одговара, без разлика со кого е близок, се дружел или пиел кафе, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарјаќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата од страна на опозицијата за вмешаност на негов братучет во запленетата дрога во вредност од 800 илјади евра при заедничката акција на МВР и на ДЕА .

Премиерот нагласи дека неговиот прв братучет Трајче Заев веќе имаше јавен коментар за овој настан, а ниту лицето Александар, кое се споменува, не е вработен во семејните фирми на Заеви, ниту пак комбето е во нивна сопственост.

– Впрочем, комбето има грчки регистарски таблички. Немам што да додадам, ниту да одземам, законот важи еднакво за сите. Александар може да дружи со мојот прв братучет колку сака, законот важи еднакво за сите. Или некој началник на полиција можел да биде на слика со соработник со Заев, со Спасовски, законот важи еднакво за сите. Заврши времето кога такви случаеви беа табу тема во нашата земја. Кој со кого сака нека е близок, дружел, пиел кафе заедно, го има на слики, ако го прекрши законот си одговара, порача Заев, по средбата со претседателите на опозициските албански политички партии, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.

Премиерот додаде дека за овој случај се изречени мерки од страна на Јавното обвинителство и на Судот, а следат судски процеси и согласно доказите и аргументите секој треба да си носи одговорност.