Забраната за слободно движење на милениците ги нервира сопствениците

Трендот да се чува домашно милениче зазема се поголем замав. Да се има пријател на четири нозе, па уште и од позната раса со педигре за многумина претставува статусен симбол кој со задоволство го негуваат и го носат насекаде со себе.

Но, токму тука наидуваат на препреки. Во сите институции, банки, трговски центри, маалски продавници, во градски превоз, во многу такси компании, но и на жичарницата на Водно па дури и во Зоолошка градина има забрана за влегување со кучиња или мачки.

Иако можеби живеат многу подобро и полуксузно од поголем број граѓани, сепак забрането им е и влегувањето во кафеана, кафуле, фризерски салони, речиси на сите места за релаксација и одмор на нивните сопственици.

Исклучок се летните тераси, но и таму голема улога игра расата односно големината на животното.

Единствено слободна територија каде до мила волја можат да се истрчаат, да ги извршат физиолошките потреби и да се дружат со други раси се локалните паркчиња, Градскиот парк и Кејот на Вардар. 

- Чувам боксер веќе шест години. Од кога сум го купил, па до денес ништо не е променето во однос на домашните миленичиња. Во зграда се уште ме гледаат попреку зашто сум го внесувал кучето во лифт, на летните тараси на кафулињата келнерите се уште ми реагираат кога ќе седнам со него. Единствено ако налеташ некаде на некој што чува куче или пак на љубител на животни, па да те пушти, вели Мартин.

- Кога и да го изнесам да го шетам надвор, се разбира по пропис со маска, сите комшии стануваат поголеми кучиња од него и повеќе лајат од него. Па им викам, луѓе куче имам на ланец, тоа му е работа да лае! Да ја врзев Цеца, таа ќе ви пееше! Така им ја затнувам муцката, раскажува Роберт.

- Некои се повикуваат на Законот за јавна чистота, некои на здравствени причини, некои на утврдени кодекси на однесување. Но, мислам дека сите домашни миленичиња имаат редовни третмани и не се опасни за околината, така што кога веќе носиме закони согласно европските искуства треба да се донесе и еден во кој правата на движење на домашните милиници не би се ограничувале, велат ветеринарите.

Но, голем број граѓани се поддржувачи на забраната за слободно движење на домашни кучиња и мачки. 

Европските примери говорат дека куче или мачка без пардон може да се внесе во бутик, продавница, пекарница, кафуле, автобус, но се разбира на одговорност на сопственикот кој пак мора да се придржува на нормите и секако да го носи на ланец или во рака. Додека кај нас, речиси и да нема хотел каде можете да букирате соба за престој заедно со своето милениче. Тоа особено не е дозволено во хотелите со пет ѕвезди. 

Прага: Заедно и на пазар и во диско

Прага е метропола каде има најмногу регистрирани домашни миленичиња од било кој друг град во светот, покажуваат статистиките. Секако постојат неколку услови кои граѓаните на чешката метропола треба да ги исполнат за да одгледуваат домашно милениче, односно куче. Најпрвин, сопственикот на кучето треба да посети ветеринар па потоа да го регистрира своето милениче. За да го регистрирате пак, треба да го чувате најмалку 15 дена. Откако ќе го извадите потребниот документ, тогаш вие можете да го носите кучето секаде, ама баш секаде. Метро, автобус, трамвај, такси, хотел, елитен ресторан, кафуле... па дури и во диско. Единствено забранет е влезот во црквите, замоците, музеите... но и таму може да се влезе само доколку е сместено во торба која пак ќе ја носите на рамо.

Во Менхетн пак, на миленикот може да му се букира еден ден или неколку часа во апартман во спа-центар, каде добива бањски третман со вклучен рум-сервис, специјална сапунеста масажа за отстранување на стресот, длабинско чистење за стимулирање на кожата и фоликулите на влакното...

Во Сохо постои центар за лекување на психички болни кучиња со примена на "Силва методот" и исцелувачка масажа.

Во американската држава Флорида беше донесен закон кој им дозволува на кучињата да јадат по ресторани, доколку влезат во ресторанот заедно со нивните газди. И во големите стоковни куќи во Шпанија, Франција, Австрија, Германија, Барселона, можете да си бирате гардероба во друштво со вашиот миленик.