
Вчера во периодот од 17:00 до 23:00 часот, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи и Одделението за сообраќајно и ескортно обезбедување спроведоа акциска контрола на подрачјето на град Струмица, со цел санкционирање на возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети, кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Од МВР информираат дека при контролата изречени биле вкупно 70 мерки за сторени сообраќајни прекршоци и кривични дела.
Од нив, една мерка за возач на тротинет, пет мерки за измината важност на сообраќајна дозвола на мотоцикл, 31 мерки за возачи кои управуваат мотоцикл без заштитен шлем (кацига), три мерки за несоодветна категорија, три мерки за неистакната регистарска таблица итн.
Откриени биле шест кривични дела, од кои едно малолетно лице, и истите биле лишени од слобода за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“.
Одземен бил и еден мотоцикл за измината важност на сообраќајната дозвола повеќе од шест месеци.
Од МВР посочија дека за сите сторители изготвени биле соодветни поднесоци.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период. Апелираме до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Само со одговорно однесување можеме заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, порачаа од таму.