За прв пат, „Октоберфест“ од вечерва во една скопска општина

 И Скопје, поточно една скопска општина, има свој „Октоберфест“! 

- Спремни сме за првиот Октоберфест во Ѓорче. Почнуваме од 18 часот, време е за добро дружење! - соопшти градоначалникот на Ѓорче Александар Стојкоски кој сподели фотографии од подготовките. 

Фестивалот почнува вечерва и ќе трае три дена, а локацијата е во реонскиот парк на Ѓорче Петров, каде од 18.30 часот програмата ќе ја отворат со своите фантастични хорски изведби членките на женскиот хор „Фрида“, под водство на познатата пејачка и ТВ водителка, Сузана Турунџиева.

Од 19.00 часот започнува настапот на „Контра план“, додека од 20.00 часот свој концерт ќе одржи мегапопуларното дуо „Куку леле“ кое со своите безвременски хитови ќе ја забавува публиката. Вечерта од 21.30 часот ќе ја затвори ДЈ Александар Јордановски со својот ДЈ сет.

Утре, петок, забавата на вториот ден на пивскиот фестивал од 19.00 часот ќе ја отвори македонскиот поп пејач Даниел Дан. По него, од 20.00 часот следува настапот на членовите на проектот „Пауза за ракија“ кои со своиуте бравурозни фолк изведби ќе ја размрдаат публиката. За крај на вечерта, од 21.30 часот концертот на македонската рокерка Дани Димитровска ветува одлична рок ен рол забава.

На 20-ти септември, сабота, програмата започнува точно напладне, во 12.00 часот со детски содржини. Поточно со концертот на гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска и проектот „Да ни биде животот песна“ со изведба на класична музика за деца. По неа, од 13,00 часот следи детската интерактивна претстава со „Фамилија Металковци“.