Велигден или Воскресение е најголем христијански празник, со кој се одбележува денот кога Исус Христос воскреснал од мртвите. Велигден се празнува три дена и претставува т.н. подвижен празник, што значи дека неговиот датум се менува секоја година, но секогаш мора да биде во недела.
Велигден се слави првата недела по полна Месечина по пролетната рамнодневница.
Исто така, православниот Велигден не може да се празнува ист ден или пред Пасха (еврејски подвижен празник). Кај православните христијани, кои го користат стариот Јулијански календар (Српската, Руската, Ерусаилмската црква...), како и кај православните христијани кои го користат Миланковиќевиот реформиран Јулијански календар (Грција, Бугарија, Романија, Цариградската, Кипарската и Александриската црква), Велигден е секогаш меѓу 4 април и 8 мај. Кај останатите христијани кои го користат новиот Грегоријански календар, Велигден е секогаш меѓу 22 март и 25 април.
Петокот пред Велигден се смета за најтажен ден во христијанството, бидејќи тој ден Исус Христос бил осуден и распнат на Голгота во Ерусалим. Осуден дека проповеда учење за кое се тврдело дека е во спротивност со верските принципи и законите на јудаизмот, гладејќи што прават војниците и народот со него, рекол: Татко, прости им, бидејќи не знаат што прават.
На вечерната богослужба во нашите храмови, се изнесува плаштеница (платно на кое е прикажано полагањето на телото на Исус во гроб), кое верниците го бакнуваат се до Велигден. Плаштеницата се постила на посебно украсена маса која го симболизира каменот на кој телото на Исус било подготвено за полагање во гробот, заедно со Евангелието (религиска книга која го опишува животот и учењето на Исус Христос).
На Велики петок сите постат, па дури и тие кои инаку не постат цел велигденски пост. Тие кои постеле цел пост или макар една недела, на Велики петок постат строг пост. На тој ден не се служи литургија во црква, освен ако се Благовести. На Велики петок не се пее, не се весели, тоа е ден на тага и општа тишина, ни детски плач не смее да го наруши. Дури ни мртви не се закопувале на овој ден, да не се нарушува земјата во која лежи Исус.
Велигденско јајце
Јајцето претставува симбол на живот, т.е. го симболизира воскреснувањето на Исус Христос. Јајцата се вапцаат на Велики четврток или Велики петок, најчесто во црвена боја, која ја симболизира крвта на Исус. Првото обоено јајце се смета за чувар на куќата и на него се припишува посебна важност. Како што вели името, првото јајце се смета за заштитник на домот и се чува до идниот Велигден.
Природно боени јајца
Јајцата можат да се бојат на многу начини. Ако сакате велигденските јајца да ги боите со природни бои, можеби ќе ви помогне да знаете кои намирници произведуваат бои. Бидејќи природните бои за боење на јајца не се толку интензивни како вештачките бои кои можат да се купат во продавници и на пазар, треба да се користат повеќе. Од природните материјали, најчесто се користи луковина, која на јајцето дава црвено кафена нијанса. Еве уште некои примери:
Црвена – лушпа од црвен кромид, сок од калинка, цвекло, сок од малини, црно вино...
Зелена – спанаќ, блитва, зелје...
Сина – црвена зелка, сок од боровинки...
Жолта – кора од портокал, зелен чај...
Ова се само некои од намирниците кои даваат одредена боја на јајцето, посветла или потемна, во зависност од тоа колку ќе ставите од намирниците, или од природната боја на јајцето. На вас е да испробувате со некои нови намирници.
Шарањето на велигденските јајца
Покрај боењето на велигденските јајца, за нивна разновидност придонесува и украсувањето. Јајцата можат да се украсуваат на разни начини. Покрај вообичаените налепници кои можат да се купат во продавници и на пазар, постојат многу интересни начини да се украсат велигденските јајца. Ако сакате да украсувате јајца, погледнете некои од наведените начини. Можеби во тоа експериментирање ќе најдете задоволство и ќе добиете единствени и интересни велигденски јајца.
Ако овие начини за украсување на јајцата не ви одат од рака, секогаш може да го искористите добро проверениот начин, јајцето завиткајте го во најлон чорапа и во неа ставете разни лисја и хартивчиња, па вапцајте ги јајцата во луковина. Не е важно да користите комплицирана техника за украсување. Некогаш поедноставен начин е многу подобро, ако уживате во тоа што го правите.
Кршење со јајца
Еден од најрадосните и најубавите обичаи за Велигден е кршењето со јајца. Тогаш настанува веселба и натрпевар чие јајце е најсилно, што претставува радост за децата. На Велигден прво се јадат јајца, па потоа другото јадење. Гостите кои ќе дојдат во домот на Велигденсе даруваат со јајца. Исто така јајца се даруваат и кога се оди на гости. Во Србија секоја година се организира светски натрпевар во кршење на кокошкини јајца во Мокрина.
Христос Воскресе! Ваистина Воскресе!
Кога ќе осамне денот на Христовото Воскресение, од сите цркви долго ѕвонат сите ѕвона, јавувајќи го доаѓањето на најголемиот христијански празник. Народот меѓусебно се поздравува со зборовите Христос Воскресе! Ваистина Воскресе! Тој поздрав трае се до Спасовден, т.е. до Христовото Вознесение, кој паѓа на 40 ден по Велигден. Домаќинот со своите деца оди во црква на света велигденска служба. Тие кои постеле цел велигденски пост или барем една недела, се причестуваат на крајот на литургијата.