За оние што секогаш прават да се чувствувате виновно и лошо...

Понекогаш се случува некои луѓе многу да ни значат, но да не нè прифаќат онакви какви што сме. И бидејќи не одговараме на нивните замисли и очекувања за тоа како ние треба да се однесуваме, секогаш наоѓаат начин како да прават да се чувствуваме виновно и лошо, дури и кога знаат дека поминуваме низ одредени процеси и работи за кои ни е потребно време и кои се поврзани со нас самите. Ама тоа не е важно за нив. Ниту едно оправдување не е доволно вредно, ниту пак земено предвид, затоа што важни се само нивните чувства и нивните перцепции, никогаш тие на другата страна, дури и кога кажуваат дека ги земаат предвид. Не, никогаш не ги земаат. Никогаш не помислиле колку пати вие сте премолчеле, колку пати можеби вам ви требала поддршка, но тие поминувале низ нешто, па сте им го дале потребниот простор и време, дури и кога тоа значело вам да ви се истуруваат и кон вас да ја насочуваат лутината и негативните чувства предизвикани од нешто друго. 

И тие луѓе никогаш нема да ги видат работите преку кои ние ја изразуваме нашата грижа, нашата почит и љубов, затоа што не е таква каква што тие сметаат дека треба да биде, затоа што не е таква каква што тие ја даваат. И не е ни важно што вие понекогаш сте се чувствувале повредено и навредено, но сте се справиле сами со тие чувства, бидејќи секогаш сте наоѓале разбирање за тоа однесување и затоа што сте прифатиле дека тие мани се дел од нивната личност, ама тоа не е важно – бидејќи вие сте виновни за сè. И не е важно што милион пати на „шега“ исмевале работи кои вам ви се важни, вие тоа мора да го прифатите затоа што тие се такви, не е важно што вам можеби ве повредило тоа – не е важно, тие се такви и знаете дека се такви и треба да го знаете тоа и да се прилагодите на нив. Но, тие никако не треба да се прилагодат на вас, само тоа никако. 

Тоа се луѓе кои добро ве познаваат и знаат дека кога-тогаш ќе се лизнете на тој нивен испит, затоа што е невозможно да се положи. И само чекаат. И не е важно колку сте се вложиле и како на свој начин сте биле присутни и полни со поддршка, ништо од тоа не е важно – безвредно е во нивни очи. И дури и да се обидете да им го кажете тоа, нема да ве слушаат, затоа што за нив не е важно. 

Не е важно што никогаш не сте сториле ништо за да ја предадете нивната доверба, не е важно што секогаш сте ги поддржувале, не е важно што попрво би си забиле нож во срце, отколу нож во нивниот грб, не е важно што секогаш сте застанувале во нивна одбрана, дури и кога можеби не биле секогаш во право, но сте сметале дека заслужиле да бидете покрај нив, ништо од тоа не е важно – вие едноставно не чините, затоа што не сте такви какви што тие сметаат дека треба да бидете. 

Не е важно што ви се случуваат милион работи – небитно е, ќе ви кажат дека имаат разбирање, а немаат, затоа што не е битно какви сте вие, битно е какви се нивните очекувања за вас. И важно се нивните сопствени заклучоци, но не и вашата страна на приказната. Вашата страна на приказната никогаш нема да биде важна за нив.

И никогаш нема ниту да се докажете, ниту да бидете доволно добри. Секогаш ќе се чувствувате виновно и лошо. И не ни треба да бидете ставени во позиција да ја докажувате и покажувате вашата лојалност и грижа. Затоа што кога правиме работи за луѓето што ни значат, дури и кога тие не ги забележуваат истите, не треба да ги истакнуваме. И тие секогаш потенцираат како вие сте тие кои сте ги зафкрнале работите, вие сте тие што ќе ги изгубите, а никогаш не размислуваат дека можеби тие ќе ве изгубат вас. Затоа што сте небитни. Затоа што само нивните чувства се важни, неважно е какви сте вие како личност и дека можеби тоа што го давате од себе е единствено нешто што можете да го дадете во тој момент. И не размислуваат дека со своето однесување и неприфаќање дека тие ќе ве изгубат вас, секогаш се насочуваат и се „закануваат“ дека вие ќе ги изгубите нив. Можеби затоа што и не им е доволно важно дали тие ќе ве изгубат вас. 

Небитно е. Важно е вие да се чувствувате лошо и буквално секоја ситуација да се врти околу тоа како вие нешто нив им правите, дури и кога нема никаква врска со нив. И да ви потенцираат како вие сте лошата страна на приказната, иако сте дале сè од себе секогаш да давате поддршка. Небитно е. Небитни сте. Никако не им е важно што ви се случуваат многу работи и дека ви е потребен простор и време за себе, неважно е, тие веќе си го донеле и заклучокот. Пресудата веќе е донесена, без судење, без можност за објаснување.

Сè додека еден ден тие не сфатат дека и оние кои им молчеле и ги прифатиле такви какви што се и кои секогаш проголтувале секакво дерење, викање, исмевање, потсмевање (секако никогаш злонамерно, зошто само вашите постапки се такви, никогаш нивните, вие едноставно мора да ги прифатите дека се такви), и кои никогаш не можеле никогаш да дадат достоинствено (за нив) оправдување и објаснување, еден ден ќе им дојде преку глава од објаснувања, од тоа да се чувствуваат лошо, од тоа никогаш да не бидат прифатени целосно онакви какви што се, од тоа некој да прави да се чувствуваат ништожно и безвредно, иако тој некој добро знае дека поминуваат низ тежок период, од тоа тие секогаш да бидат дежурни виновници и нивните добри страни секогаш занемарени, ќе им дојде преку глава од тоа да добиваат закани дека ќе ја изгубат нивната грижа и поддршка и едноставно ќе стиснат заби и ќе продолжат понатаму.

Ако некој не може да ве прифати такви какви што сте, ако некој не може да направи компромис, ако некој постојано покажува со прст кон вас, а никогаш не го проценува сопственото однесување, ако некој постојано бара оправдување за себе за да излезе поголемиот човек и притоа занемарува со каква болка се соочувате, ако не ве ни прашале до кај сте со сите работи кои ви се случуваат, тогаш можеби и океј е да ги „изгубите“, барем додека не сфатат дека и нивното однесување не е совршено и дека ако некој им значи во животот можеби треба да проценат општо какво влијание и грижа им давала таа личност, а не нивната замисла и заклучоците и пресудите што самите ги донеле.

Лесно е да им се префрла на другите за однесувањето, тешко е да се погледне понекогаш во себе и да се сфати дека и ние не сме совршените и дека нашето однесување може да придонесе да изгубиме некого. А убаво е понекогаш и да се запрашаме зошто некој се однесува повлечено, можеби и така ќе се добијат одговори на многу прашања. А во светот на возрасните, понекогаш луѓето се повлекуваат зошто им треба време да се справат и да се средат и тоа нема врска со другата личност. И ако некому му значиме, тоа ќе го прифати и почитува. Ако не му значиме, ќе најде начин како да го сврти тоа и да го поврзе со себе и назгора сите работи, да направи и за тоа да се чувствуваме лошо.