За 60% зголемена цената на болничкиот паркинг во комплексот клиники „Мајка Тереза"

Град Скопје и ЈП Градски паркинг ќе ја покачат цената на болничкиот паркинг за 60%! Изменетиот текст на предлог-одлуката со зголемена цена за болнички паркинг од 25 мкд на 40 мкд за час, е доставен помалку од 24 часа пред почетокот на седницата на Советот на Град Скопје. Со покачувањето на цената, болничкиот паркинг (скоро) ќе се изедначи со паркингот во зоната А (45 мкд/час) каде што главно се паркира за да се оди на кафе и на шопинг! На (дури!) тринаесетте одбораши од ЈП Градски паркинг би требало да им е јасно дека оние кои користат паркинг во болница не одат таму поради лично задоволство и најчесто не е нивен личен избор дали ќе дојдат со возило. Нема избор кога се носи болен човек – освен ако одборашите од Градски паркинг не одлучиле во болница пациентите да се носат на велосипед или со автобус. Или можеби очекуваат од луѓето да доаѓаат со такси, иако според официјални статистики дури 400.000 луѓе во земјава живеат под прагот на сиромаштија.

Ова го откри советничката Драгана Велковска.

Нејзиниот Фејсбук статус го пренесуваме во продолжение:

„Но тоа не е сѐ! Во предлог-одлуката во пакет со зголемување на цената на паркингот за граѓаните доаѓа намалување на цената на месечните билети за вработените. Пред да им го покачат месечниот билет на 800 мкд, медицинскиот персонал плаќаше 350 мкд. Сега „со попуст“ (да не речам гаражна распродажба) медицинскиот персонал ќе плаќа 400 мкд за месечниот билет за паркирање. Феноменален обид за double shit sandwich, свака час!!!

А сега озбилно – имаме комплетно дисфункционални претпријатија со вработени кои се последица од лоши политики и силна партизација на институциите, претпријатија кои наместо да го олеснуваат животот на жителите на Скопје, паразитираат врз грбот на скопјани. Неисцрпните расадници на сигурни гласови за избори за сите партии секако дека нема да подлежат на никаква анализа на ефективноста. Не постои таква анализа на јавните претпријатија. Исто како што не постои ниеден разумен аргумент за предложената одлука за 60% покачување на цената на болничкиот паркинг. На скопјани не им требаат манипулативни изговори ниту бизарни оправдувања. Им треба градска власт која ќе одлучува во нивна корист, која ќе работи посветено со што ќе гарантира заштита на нивните права и која ќе им помага на оние на кои им е најтешко.

Во ек на пандемија, кога се очекува нов бран (којзнае кој по ред) и кога се предвидува светска финансиска криза на есен, да се носат вакви одлуки е бескрупулозна стратегија за капитализирање врз маката на луѓето! Основна социјална мерка е болнички паркинг да е бесплатен за сите. Ова ли е начинот на кој владејачкото мнозинство покажува солидарност во заедницата?! Ужаснувачки е што ламтежливо се тријат раце за буџетски проекции во кои болничките паркинзи се фиксирани како сигурни извори на стабилен приход додека градоначалникот има полна уста флоскули за солидарност и хуманост.

На денешната седница барам да се симне точката од дневен ред. Барам Управниот одбор на ЈП Градски паркинг да го измени текстот на одлуката со што болничките паркинзи ќе станат бесплатни за сите – и за вработените во болниците и за пациентите и нивните блиски – и така изменет да го поднесе за гласање во Советот на Град Скопје“- пишува таа.