Втора работна недела се штрајкува во образованието

Завршува втората работна недела од штрајкот на вработените во училиштата и градинките, а решение за нивните барања се уште не е на повидок откако Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) ги отфрли заклучоците на Владата од пред два дена. Од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика побараа СОНК уште еднаш да ја преиспита одлуката, да го стават штрајкот во мирување и да ги интензивираат преговорите и наместо личните во преден план да ги стават интересите на децата и учениците за пристап до образование.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков, вчера, по седницата на Советот, на која беа анализирани заклучоците од завчерашната седница на Владата, најави дека штрајкот ќе продолжи сѐ додека не се постигнат договори со МОН и МТСП и додека не биде потпишана спогодба со која ќе бидат опфатени сите спорни прашања. Тој повика на интензивирање на преговорите со конструктивни предлози и час поскоро, како што рече, да се усогласат ставовите.

-Советот на СОНК констатира дека заклучоците на Владата не водат кон решавање на несогласувањата помеѓу СОНК, МОН и МТСП односно со Владата. Овој став се темели врз огромниот број дискусии на членовите на Советот, каде што без исклучок се констатира дека со заклучоците на Владата се врши силен притисок врз штрајкувачите… Понудените 10 проценти зголемување на платите во градинките, основното и средното образование по ребалансот на буџетот се „бетонираат“ со заклучокот на Владата и не се остава дополнителен простор за преговори по ова прашање, знаејќи дека членовите на СОНК со скоро 100-процентно изјаснување пред само неколку дена го отфрлија овој предлог. Овој процент на зголемување е дури и помал од предлогот на еден од синдикатите кој предлага, и веројатно ќе успее во тоа без ниту еден ден штрајк, да добие повисока понуда, односно 2.800 денари линеарно, истакна Неделков на прес-конференција.

Во однос на барањето на Владата, СОНК да одговори врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта, Неделков рече дека се спори правото на штрајк од аспект на запазување на закон и процедура и информираше дека Советот на СОНК на 29 март 2022 донел одлука за организирање генерален штрајк, која е доставена до МОН и МТСП на 4 април 2022 врз основа на барањата за усогласување на платите со минималната плата доставени до МОН и МТСП од 3 март 2022 година. Известувања до градоначалниците и директорите на установите, рече тој, се доставени на 31 март 2022.

-СОНК не чувствува одговорност врз основа на кој акт е прекинат  воспитно-образовниот процес во училиштата и градинките од причина што нема таква надлежност и одговорот треба да се побара на друго место. Тоа значи дека СОНК не ја организира наставата и воспитно-образовниот процес, додаде Неделков.