Временска прогноза за неделава: Од пеколни жештини, до невреме со дожд, грмежи и град

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска објави метео аларм со високи температури на територијата на целата држава.

Покрај високите температури, наместа ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 30 до 38 степени.

Во Скопје, ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец и со температура до 38 степени.

Во среда и четврток времето ќе биде сончево и топло. Попладне наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Заради големата енергија во атмосферата локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и појава на град.

Во Скопје, во среда и четврток ќе биде сончево и топло. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината процесите ќе бидат во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер и услови за појава на град.