Времено затворена кујната на Воена Академија поради можно труење со храна

Врз основа на добиено известување од Центарот за јавно здравје за можно труење со храна на неколку лица кои на 11 септември консумирале храна во мензата на Воена Академија касарна Гоце Делчев – Аеродром Скопје, а со цел утврдување на причините за можното труење, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Центарот за јавно здравје, Институт за јавно здравје – Скопје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат при Министерството за здравство, по спроведената епидемиолошка анкета, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот каде се подготвува храната која се послужува во мензата на Воената академија.

Инспекциски надзор спроведен е и во мензата на касарната Гоце Делчев каде се консумирала храната и каде не се утврдени недоследности.

Земени се мостри од храната за лабораториско тестирање, од објектот каде била подготвена и брисеви од работни површини.

Изречена е мерка времено затворање на кујната каде се подготвувала храна, наложени се марки за генерално чистење на кујната и опремата и приборот во неа, спроведување на вонредна дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција.

Вработените во кујната кои имале уредно извршен здравствен хигиенски преглед, упатени се на спроведување на вонреден преглед.

Кујната каде се подготвувала инкриминираната храна нема да работи се до добивање на резултатите од лабораториското испитување на земените мостри и брисеви со кои ќе се потврди безбедноста.

Министерството за одбрана вчера ја информира јавноста дека завчера во раните утрински часови дваесет питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.

Најнапред тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде од страна на дежурниот доктор биле прегледани и двајца биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец е хоспитализиран и кој се очекува во текот на денешниот ден да биде вратен во единица.

Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на Инфективната клиника, каде биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата.

По добиената информација од страна на министерството веднаш е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за Јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.