
Волкот кој синоќа беше заловен во населбата Козле е сместен во скопската Зоолошка.
- Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица, соопштија од ЗОО-Скопје.
Животното било чувано како домашен миленик и на себе имало синџир и каивче. По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен.
- За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување. Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции, се огласија од Зоолошката за овој случај.